Генералот во пензија Џејмс Џонс, поранешен советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама, вели дека би било паметно Северна Македонија да го поправи тоа што Европската Унија го бара од неа за влез, иако рече дека не разбира „зошто Бугарија би имала збор во ова“.
Џонс, во разговор за Гласот на Америка на македонски, рече дека не ги познава доволно билатералните односи и Уставот на државата за да може да коментира што е спорно за ЕУ, но вели дека е важно да се зајакнат односите меѓу државите, бидејќи вели ако „Русите забележат слабост, ќе ја искористат таа слабост, исто како и Кинезите“.
„Ова е област на билатерални односи со кои не сум навистина запознаен, но не разбирам зошто Бугарија би имала збор во ова, наместо раководните тела на ЕУ. Така што мислам дека Северна Македонија на крајот ќе биде примена во ЕУ. Се надевам дека ќе биде. Но, ако има корективна акција што се бара како што е соопштено од ЕУ, мислам дека би било паметно Северна Македонија да го поправи она што треба да се поправи“, рече тој.
Услов Северна Македонија да почне преговори за членство во ЕУ е да се внесат Бугарите во Уставот. Премиерот Христијан Мицкоски бара прво да завршат преговорите за ЕУ, па потоа да се направат уставните измени.
Џонс вели дека е во корист на државата Владата да го направи тоа што треба за да биде прифатена во ЕУ, a САД ќе се обидат да помогнат тоа да се случи.
„Би било тешко да се разбере зошто тие би направиле нешто што би било на штета на Северна Македонија, особено кога се во прашање Русија и Кина. Би сакал да ги видам Северна Македонија и регионот, додека продолжуваат кон развивање на нивните демократии, да бидат во можност да бидат целосно прифатени во ЕУ и во другите меѓународни организации на држави со исти вредности“.
Европската Комисија соопшти дека очекува да ги почне преговорите што е можно поскоро откако „Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми“.
Гласот на Америка на македонски побара коментар од Стејт департментот за предлогот на премиерот Мицкоски за одложување на уставните измени додека не се обезбедат гаранции од ЕУ, но сe` уште нема добиено одговор.
Можни последици врз европската иднина на државата најави и Грција, ако македонските лидери не го користат уставното име на државата согласно Договорот од Преспа.
Џонс кажа дека би бил разочаран ако некој сака повторно да го отвори ова прашање.
„Знаете, ова е нешто што се случува со децении, и мислев дека договорот што конечно беше постигнат е таков што ги смирува тензиите и тоа се чинеше дека е добра работа. Ако тоа, поради некоја причина не е прифатливо за некои луѓе, и тие сакаат повторно да го отворат тоа, би бил разочаран, бидејќи тоа ќе создаде проблеми таму каде што ги нема во моментов. Но, повторно, тоа е внатрешна одлука што треба да ја донесе Владата на Северна Македонија. И се надевам дека има толку многу добри работи што може да се случат, знаете, не знам зошто, би бил внимателен за повторно отворање на она што ние го нарекуваме “конзерва со црви” [ситуација што предизвикува многу проблеми] непотребно“.
Your browser doesn’t support HTML5
Северна Македонија да ја среди корупцијата за да биде сфатена сериозно, вели Џонс
Администрацијата на претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот најави борба против корупцијата, велејќи дека претставува закана за национална безбедност, не само во САД, туку и во цел свет.
САД потрошија милиони долари да ѝ помогнат на Северна Македонија да се справи со овој проблем.
Поради вмешаност во значителна корупција, во текот на изминативе две години, САД ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
Дали корупцијата би можела да доведе до поголема несигурност и нестабилност во државата?
„Па, до степен кога е распространета премногу, и е ,знаете, како што е објавено, очигледно е во интерес на Владата да направи се` што може за да ја намали таа перцепција и таа реалност и тоа не е вистина само за Северна Македонија, туку важи за секоја земја. Значи, да, знаете, кога ќе дојде време да се сфати сериозно како земја, високиот степен на корупција не е од корист“, изјави Џонс.
Немам сознанија за дестабилизација, Владата е платена да ја информира јавноста
Премиерот Мицкоски предупреди на потенцијален етнички конфликт и дестабилизација оваа есен, наводно организирани од албанската опозициска партија ДУИ и поранешни владини функционери. ДУИ негираше.
Имате ли сознанија за потенцијална дестабилизација во државата во овој момент?
„Не, немам. Знам дека имаше инцидент со Србија каде три лица беа приведени и предизвика некои тешкотии меѓу Северна Македонија и Србија. Но, што се однесува до други сознанија, го сретнав премиерот и мислам дека тој ќе заврши одлична работа, но вие живеете во тежок регион, а овие работи ќе се случуваат понекогаш“, одговори Џонс.
Тој вели дека демократските влади имаат обврска да споделат колку што можат повеќе информации со јавноста, и оти останува на премиерот и на Владата да го направат она што е правилно.
„Мислам дека сè што е во јавен интерес што им помага да разберат, генерално, што би можело да се случи, им овозможува да преземат мерки на претпазливост за своите семејства, за тоа каде одат, што прават, и очигледно, семејствата сакаат да ги заштити децата и така натаму. Така, мислам дека навистина се работи за добра проценка. И од една страна, не сакате да задржувате премногу, а од друга страна, ќе бидете несериозни ако дадете премногу. Значи, за тоа се платени владите. Тие треба носат добри одлуки“.
Стејт департментот, за Гласот на Америка на македонски, на 20 август изјави дека „САД се во редовен контакт со владини официјални лица за прашања од меѓусебна загриженост“, одговарајќи на прашањата дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Северна Македонија, како што предупреди премиерот Мицкоски, како и дали на оваа тема разговарале со македонската Влада.
Дали партнерство меѓу Орбан и Мицкоски е проблематично за САД?
За време на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули, премиерот Мицкоски најави заем од Унгарија од 500 милиони евра.
Од друга страна, претседателот Бајден неодамна изјави дека премиерот Виктор Орбан е заинтересиран за диктатура.
„Не сум веќе во влада, па не знам каков би бил одговорот, но зборуваме за две членки и сојузници на НАТО. И знаете, мислам дека тие се прашања што треба да се решат со двете страни, не би сакал да коментирам за тоа“, рече Џонс.
Путин е вистинска закана за регионот, смета Џонс
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ноември 2023 година предупреди дека дека Русија би можела да се подготвува да предизвика криза во балканскиот регион.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, рече дека Русија нема планови да го нападне остатокот од Европа. Тој ги отфрли шпекулациите дека Русија следно може да нападне други земји во Источна Европа.
Го прашавме Џонс дали верува дека постои реален ризик од обновување на конфликтот во регионот?
„Да, мислам. Мислам дека Русија и Кина функционираат на начин да го дестабилизираат регионот колку што можат, да предизвикуваат потешкотии, да подметнуваат стории каде што не постојат и да се мешаат во неколку, во доста земји, и не само во Централна и Источна Европа, туку и во Западна Европа, исто така, па дури и во нашата земја. Значи, ова е дел од нивниот план и мислам дека е мудро за земјите кои се загрижени за ова да го направат она што треба да го направат за да се заштитат себеси. Но, ова е вистинска закана“.
Тој рече дека длабоко верува оти западните влади и демократии се под закана од Кина и Русија, Иран и Северна Кореја.
„Живееме во век во кој светските демократии чувствуваат притисок од автократски режими кои сакаат да ги преобратат во нивниот систем, а мислам дека Кина особено е посветена на менување на светот, светскиот поредок, кој изминативе околу 100 години е доминиран од САД и западните сили. Затоа, не треба да се прашуваме дали ова се случува или не. Тоа трае и не треба да бидеме наивни во однос на тоа што треба да направиме за да победиме во оваа борба“.
Според него, треба да се преземат мерки, како зајакнување на НАТО, зајакнување на ЕУ, зајакнување на билатералните односи и да се осигура „Владимир Путин да не преовлада во Украина. Тоа би било катастрофа“.
„Живееме во многу тешко време, многу опасно време. Владимир Путин е многу опасен човек и тој е закана, вистинска закана за регионот“, рече тој.
Стејт департментот, за Гласот на Америка на макеоднски, изјави дека руската војна против Украина ја нагласува „итноста и важноста на нашата работа да им помогнеме на земјите од Западен Балкан да ги постигнат своите аспирации за европска интеграција и членство во евроатлантските институции“.
Мицкоски и Џонс разговарале за компанија што може да прозведува муниција за Украина и НАТО членки
На средбата во Вашингтон, за време на НАТО Самитот во јули, Џонс рече дека разговарал со Мицкоски за компанија во Северна Македонија која произведува муниција.
„Мислам, ова е многу добра компанија наречена ATS, и тие произведуваат муниција, и очигледно е во недостиг во Украина, и тие сакаат да ја прошират нивната меѓународна присутност, а ние треба да им помогнеме да го направат тоа, бидејќи муницијата во војните што се водат е критично потребна. Така, имавме многу добар почеток на нашите напори и очекувам да продолжиме уште долго време“, рече Џонс.