Важно за регионалната и глобална безбедност е Северна Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото, рече заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер за Гласот на Америка на македонски.
Со цел да поттикнат справување со слабостите во владеењето на правото, САД минатата недела го ставија на црна листа градоначалникот на Струга Рамис Мерко поради вклученост во значајна корупција.
Борбата против корупцијата на Западен Балкан е во центар на агендата на претседателот на САД Џо Бајден уште од почетокот на неговиот мандат, велејќи дека претставува закана за националната безбедност.
Го прашавме Бојер дали верува оти корупцијата во Македонија е закана за нејзината национална безбедност.
„Ќе оставам на моите колеги од Стејт департментот да зборуваат за политиката и политичките напори што ги имаме со Северна Македонија. Она што можам да го кажам од страната на Одделот за одбрана е дека го гледаме нашиот однос како расте и како вистинска основа за севкупните билатерални односи. Се разбира, ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно“, вели Бојер.
Пентагон, за време на ланската посета на Вашингтон на министерката за одбрана Славјанка Петровска, рече дека работи со македонското Министерство за одбрана на агенда на институционални реформи како основа да се обезбеди „клима во која корупцијата не може да напредува“.
На прашањето да ги искоментира овие реформи, Бојер рече:
„Би рекол дека Пентагон многу придонесува за развојот на Северна Македонија и кон модернизација во целост, и тоа е нешто што го гледаме како важно во однос на нивната способност да придонесат за Алијансата, за регионалната безбедност. Така што мислам дека напорите за обука што ги имаме, вежбите што ги правивме заедно, она што го правиме за да ѝ помогнеме на Северна Македонија да продолжи да ги развива своите вооружени сили, тие се работи кои ги гледаме како важни во целина“.
Според Бојер, членството на Северна Македонија во Европската Унија е важно за безбедноста и стабилноста пошироко, но дека за темпото на пристапување треба да одлучи ЕУ.
„Нема да навлегувам во спецификите на односот меѓу Бугарија и Северна Македонија за конкретни политички прашања. Тоа ќе го оставам на другите да го направат, но она што би го кажал за Европската Унија и аспирацијата на Северна Македонија да стане членка, е нешто што ние целосно го поддржуваме. Се разбира, зависи од Европската Унија да донесе сопствена одлука за членството, но ние го гледаме процесот на придвижување кон членство во ЕУ, пошироката евроатлантска интеграција, да се надгради на влезот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година, како важно“, вели Бојер.
Иако за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ државата треба да ги внесе Бугарите во Уставот, бугарскиот претседател Румен Радев во понеделникот предупреди дека тоа е прелиминарен услов и оти не ги исцрпува сите услови што треба да ги исполни државата.
Дали можното натамошно одложување на пристапниот процес од една страна, и тензиите меѓу Косово и Србија од друга страна, треба да бидат аларм за ЕУ, со оглед на ризик од натамошна ескалација, Бојер вели:
„Секогаш постои шанса нешто што е во одредена област да се прошири, и ние внимаваме на тоа и правиме се` што можеме како земја, и работиме со Северна Македонија и другите, да се обидеме да осигураме да го стабилизираме регионот“.
Тој додаде дека САД го ценат „она што го направи Северна Македонија во однос на придонесот со војници во мисијата на НАТО во Косово, од која САД се дел со децении. Придонесот на Северна Македонија таму е неверојатно важен“.
САД и Северна Македонија минатиот месец потпишаа десетгодишен план за соработка во одбраната, кој ги постави целите за двете држави да работат заедно на решавање на заедничките одбранбени предизвици.
Бојер рече дека овој патоказ предвидува билатерална и регионална соработка и политика, модернизација на одбраната, соработка во однос на сајбернападите и справување со дезинформациите.
Тој ја пофали и помошта на државата за Украина.
„Го цениме она што го прави Северна Македонија за регионалната безбедност, за европската безбедност. Таа е прекрасен сојузник во однос на нашата трансатлантска безбедносна врска и навистина ни помага да возвратиме против руската агресија и ја поддржува Украина во многу важен момент. Затоа што она што се случува во Украина сега не е важно само за Европа и за трансатлантската заедница, туку и за глобалната заедница“, рече тој.
Facebook Forum