Линкови за пристапност

САД обезбедуваат поддршка за истражувачките новинари да разоткриваат корупција, вели Ричард Нефју


Борбата против корупцијата ги штити и САД и нивните меѓународни партнери, рече координаторот за антикорупција на Стејт департментот, на денешното сослушување во Комитетот за надворешни работи на Сенатот
Борбата против корупцијата ги штити и САД и нивните меѓународни партнери, рече координаторот за антикорупција на Стејт департментот, на денешното сослушување во Комитетот за надворешни работи на Сенатот

САД работат со странските влади да ги зајакнат нивните механизми да бараат одговорност од корумпираните актери, рече координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју, на денешното сослушување во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, за тоа како американската влада ја имплементира антикорупциската стратегија.

Стејт департментот го објави планот за имплементација на антикорупциската стратегија во септември 2023 година. Стратегијата, која се базира на пет столбови, обезбедува алатки за проценка на празнините во владините активности и помош, и ја интегрира борбата против корупцијата низ владата.

„Кога корумпираните актери работат неказнето, ние користиме алатки како што се санкции и визни ограничувања за да им се оневозможи безбедно засолниште и приходи од нивните злоупотреби, нарушуваќи ги нивните активности и заштитувајќи го финансискиот систем на САД од корозивни приливи на приходи од корупција“, рече Нефју, велејќи дека борбата против корупцијата ги штити и САД и нивните меѓународни партнери.

Нефју вели дека САД имаат програми за обука и поддршка на владините актери во насока на подобрување на управувањето со јавните финансии, за зајакнување на антикорупциските институции, како и за зацврстување на обвинителите и судството, со цел да се зајакне надзорот и одговорноста.

„Ние, исто така, обезбедуваме поддршка за истражувачките новинари и граѓанското општество да идентификуваат и разоткриваат корупција, се залагаме за зголемена одговорност на корумпираните актери, и ја зголемуваме транспарентноста и антикорупциските реформи“, вели тој.

Шенон Грин, помошник на администраторот на Бирото за демократија, човекови права и владеење при Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), рече дека корупцијата е директна закана за националната безбедност на САД и за глобалниот мир и просперитет, и оти мисијата на УСАИД е да ги промовира и демонстрира демократските вредности во странство за слободен, мирен и просперитетен свет.

„Не можеме да ги постигнеме овие цели без да ги решиме основните причини за лошо владеење, вклучувајќи продорна и системска корупција“, рече Грин на сослушување во Комитетот за надворешни работи на Сенатот.

САД во вторникот ги санкционираа градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат Стевчо Јакимовски, како и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, заедно со членови на нивните потесни семејства, за вклученост во коруптивни дела, поткопување на владеење на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

Прес-службата на Стејт департментот, за Гласот на Америка на македонски, рече дека Јакимовски ја злоупотребил својата јавна функција со мешање во јавните процеси, кои се однесуваат, меѓу другото, на јавни набавки и урбанистичко планирање, за лична корист и во корист на неговите соработници.

„ Делот 7031(c) предвидува дека функционерите на странски влади за кои државниот секретар има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, не се подобни за влез во САД“, изјавија од Стејт департментот.

САД најавија дека ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права во Северна Македонија и Западен Балкан како целина.

Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години, ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот донесе извршна наредба, согласно која, на црна листа ќе се ставаат лицата кои директно или индиректно се одговорни за поткопување на демократските процеси или институции на Западен Балкан, вклучително за корупција и прекршување на човековите права.

Facebook Forum

Поврзано

XS
SM
MD
LG