Ги поддржуваме сите напори за истрага на корупција во Северна Македонија, велат САД

Институционалните и законските реформи кои ја зголемуваат транспарентноста би биле добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија, изјавија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски

Силно ги поддржуваме напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние што ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист, изјави за Гласот на Америка на македонски портпарол на Стејт департментот, на прашање за иницијативата на Министерството за надворешни работи да се санкционираат и дома лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД.

„Иако не коментираме за законодавството што се очекува, ние поздравуваме и силно поддржуваме какви било и сите напори за истрага на наводни коруптивни криминални активности и да се повикаат на одговорност оние кои ja злоупотребуваат јавната доверба за лична корист“, изјавија од Стејт департментот.

Оттаму велат дека „институционалните и законски реформи кои ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата би биле добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“.

Согласно предложените измени на Законот за рестриктивни мерки, правните акти на САД и Обединетото Кралство ќе бидат валидна основа за ставање на лица или компании на домашниот список на санкции.

Целта, како што рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитување на човековите права и основни слободи, како и борба против корупцијата.

Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Сепак, лани, со европско знаменце и во забрзана постапка, Собранието ги помина измените на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција.

САД тогаш изјавија дека корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија.

„Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судствотото, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“, изјавија тогаш за Гласот на Америка на македонски од Стејт департментот.

И „Транспаренси интернешнл“ во својот најнов извештај за перцепција за корупцијата во јавниот сектор во 2023 година, рече дека Собранието на Северна Македонија значително го поткопало судството.

„Во нетранспарентна и брза постапка пратеници го изменија Кривичниот законик со намалување на затворските казни и го скратија рокот на застареност за злоупотреба на службената положба“, се вели во извештајот, нотирајќи дека тоа „ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“.