Линкови за пристапност

Владата предложи измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат затворските казни за функционерите


Министерот за правда Кренар Лога не бил убеден дека измените се вистинско решение и не прифатил да биде предлагач. Измените на Кривичниот законик доаѓаат во период кога Северна Македонија е под силни критики од САД и ЕУ за неказнивост и неефикасна и неуспешна борба против корупцијата и отсуство на владеење на правото. Невладиниот сектор со жестоки реакции и барање измените да се повлечат бидејќи не помагаат во борбата против корупцијата и ќе ја зголемат и онака високата стапка на неказнивост на службените лица и функционери

СКОПЈЕ – Со европско знаменце Владата ќе ги турка измените на Кривичниот законик (КЗ) кои предвидуваат пониски казни за службените лица и функционерите кои ќе ја злоупотребат својата позиција. Измените вчера попладне минаа на седницата на Законодавно правната комисија во Собранието. Предлагач на измените е Владата а претставник е замник министерот за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ, но не и министерот за правда Кренар Лога кој според информациите на „Гласот на Америка“ не бил убеден дека станува збор за вистинско решение и затоа не прифатил да биде предлагач.

Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик (КЗ) се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој беше предвидена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување

Во објаснувањето на причините за потребата на законските измени во КЗ од Владата стои дека во меѓувреме се појавиле одредени ургентни прашања за кои сметаат дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период.

„ Затоа, се издвоени некои ургентни прашања и е изготвен Предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој би бил донесен и чија примена би отпочнала за пократок период. Имено, се работи за следниве прашања усогласување со Регулатива и Директива на ЕУ“, стои во предлогот на Владата.

Предложените законски имени предизвикаа жестоки реакции во недладиниот сектор и јавноста.

Со реакција се јавија од блупринт групата која ја сочинуваат „Македонско здружение на млади правници“, „Инсититут за европска политика“, „Институт за човекови права“, „Колаиција сите за правично судење“, „Хелсиншки комитет“ и „Центар за правни истражувања и анализи“ од каде изразија сериозна загриженост и побараа тие да не бидат изгласани од пратениците или указот на не биде потпишан од претседателот Стево Пендаровски.

Од блупринт групата нагласуваат дека Владата во предлогот нема образложение по кои стандарди и зошто се намалуваат казните.

Александра Цветановска, „МЗМП“
Александра Цветановска, „МЗМП“

„Сметаме дека со ваквите интервенции во законот ќе бидат погубни за борбата против организиран криминал и корупција и дополнително ќе ја зголемат и така високата неказнивост за сторителите на кривичните дела. Битно е да се напомене дека во предлог текстот не е наведено зошто се намалуваат казните и по кои стандарди се предлагаат бидејќи во коресподентните достапни табели во релевантните документи на ЕУ воопшто не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Во предлог законот наведуваат дека има ургентни прашања кои се јавиле во меѓувреме но тие не ни се познати. Ние како блупринт група на граѓански организации со свој претставник учествуваме во работната група за изработка на нов Кривичен законик. Сметаме дека обидот да се протнат на мала врата вакви законски измени и решенија ќе ја намалат и онака ниската доверба во правосудтството и ќе бидат погубни за борбата против криминалот и коруипција. Ако ваквите предлози се донесат ќе има влијание и на намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност а со други зборови лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат можност да избегнат кривична одговорност“ изјави Александра Цветановска, претседател на„Македонско здружение на млади правници“

Од невладината „Транспаренси Интернешенел“ сметаат дека станува збор за „тивка амнестија“ и бараат законските измени веднаш да се повлечат.

„ Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела. Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни укажувања се дека корупцијата, а посебно високата корупција е на високо ниво, а довербата во правосудниот систем од 0,4 % од граѓаните, е на најниско ниво во историјата на оваа држава, кога владее состојба на неказновист и недостасува секаков вид на одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение, кој треба да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина, оневозможена конфискација, за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена положба. Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност. Оваа практика на носење на закони по мерка веќе ја имаме препознаено и нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор“, стои во рекацијата на „Транспаренси Интернешенел“ која најавија дека ќе ја достават до ГРЕКО и УНДОЦ.

На измените во Кривчниот Законик реакции имаше и од опозициските партии. Од ВМРО – ДПМНЕ се на ставот дека СДСМ и ДУИ се обидуваат да ги донесат измените за да не одговараат за криминалот сторен во периодот додека тие ја водат државата и додаваат дека кривична одговорност ќе има.

„Владата на СДСМ и ДУИ се подготвуваат за опозиција и затоа вака на шверцерски начин со злоупотреба на европско знаменце ги носи измените во Кривичниот законик, генерално во два члена, а тоа се членот кој што го опфаќа делот за злоупотреба на службена положба и вториот член тоа е злосторничко здружување. И тие сега за да го обременат сето ова и да му дадат европско знаменце, нормално ставаат и некои други членови кои апсолутно не се суштината на овој закон. Дури и да го носат законот со златно знаме, а не со европско секој кој што се огрешил пред законот, а за што постои докази ќе одговараат“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО – ДПМНЕ.

На задничка прес конференција Алтернатива, БЕСА и Демократско Движење соопштија дека измените во Кривичниот законик се прават за да се спаси Никола Груевски и прашаа зошто министерот Лога не е предлагач.

„Иако описот на предлог-измените е составен со елоквентен јазик и со европски аргументи, тоа може да помине кај тие што не знаат да читаат правни текстови или кои не го сфаќаат измамата на владата и на оваа власт, но не и кај нас. Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести“, изјави пратеникот Фадил Зендели.

Измените на Кривичниот законик доаѓаат во период кога Северна Македонија е под силни критики од САД и ЕУ за неказнивост и неефикасна и неуспешна борба против корупцијата и високата корупција. Американскиот Стејт депармент соопшти дека во државата неказниво поминуваат серија корупциски афери а ја ажурираше и црната листа на која беа додадени струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и Јордан Камчев. Предупредувања пристигнаа и од евроамбасадорот Дејвид Гир кој во неколу наврати истакна дека е разочаран од степенот на владеење на правото во државата, реформите кои се превземаат во тој правец и борбата против корупција а како пример го наведе неисполнувањето на насоки од Националната стратегија за борба против корупцијата.

XS
SM
MD
LG