Дополнителни 4.276.000 долари САД ќе доделат како поддршка за справување со корупцијата во Северна Македонија. Тоа го најавија од Министерството за надворешни работи, каде ресорниот министер Бујар Османи денеска оствари средба со американската амбасадорка Анџела Агелер.
„На средбата стана збор за соработката во рамки на Стратешкиот дијалог, при што Османи изрази благодарност за дополнителните средства во висина од 4.276.000 американски долари наменети за владеење на правото и спроведување на законите, што САД ги доделува започнувајќи од 2012 година“, стои во соопштението од Министерството.
Со САД како наш значаен стратешки партнер продолжуваме заеднички и посветено да работиме за забрзување на реформските процеси во земјаваБујар Османи, МНР
Притоа Османи истакнал дека со поддршката од САД се забрзуваат реформските процеси во земјата.
„Со САД како наш значаен стратешки партнер продолжуваме заеднички и посветено да работиме за забрзување на реформските процеси во земјава, при што високо ја цениме континуираната американска поддршка за справување со предизвиците и борбата против корупцијата“, се вели во изјавата од Османи што ја испратија од МОН.
САД повеќе од десет години даваат континуирана поддршка за македонскиот правосуден систем, преку финансиски средства, советувања, материјална помош, како и за обуки во Соединетите држави и во земјава на судии и носители на правдата. Сумите се бројат во стотици милиони долари.
Неодамна САД ја обновија т.н. Црна листа со лица од Северна Македонија за кои се воведени санкции поради коруптивни и криминални дејства. Најново име на оваа листа е бизнисменот Орце Камчев и тоа за вмешаност во корупција, но и за поткуп на владин функционер.
„Корумпираните дејствија на Камчев ја нарушија довербата на јавноста и го поткопаа интегритетот на правосудниот сектор и владеењето на правото во Северна Македонија, а истовремено ја унапредуваат неговата лична корист“, соопшти минатиот месец портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Во јуни, пак, на црната листа на Соединетите Држави се најде и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, поради, како што беше истакнато во соопштение од Стејт департментот, неговата вмешаност во значителна корупција.
„Додека ја извршуваше функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“, стоеше во соопштението.
Во изјава за Гласот на Америка, неодама Стејт департментот посочија дека политичкото мешање во судството е една од најранливите точки во македонскиот правосуден систем.
„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, изјави за Гласот на Америка, прес-службата на Стејт департментот.