Туристите можеби доаѓаат во Саипан, главниот град на Северните Маријански Острови, поради убавината на островот на Пацификот, но не и оваа мајка. Таа е тука за да може нејзината ќерка да добие парче хартија на која пишува дека е државјанка на САД.
Мајката ги надминала 14-те дена што и биле дозволени да биде на оваа американска територија. Таа го користи само презимето Је за да го заштити својот идентитет.
„Без разлика дали се работи за образовниот систем или за секојдневната средина во Кина, има премногу притисок. Дури и јас сакам да избегам. Не сакам да бидам таму”, вели Је.
Је пристигна во Саипан во септември, влегувајќи во рамките на 14-дневната програма за укинување на визите за кинеските граѓани имплементирана во 2019 година. Пред тоа, кога породилниот туризам од Кина беше на највисоко ниво, на кинеските државјани им беше дозволено да останат без виза 45 дена.
Арнолд Паласиос е гувернер на Комонвелтот на Северните Маријански Острови: „Врвот се достигна во 2017 и 2018 година”.
Со повеќе од 500 бебиња родени од кинески мајки во секоја од тие години, Паласиос вели дека тие раѓања го надминале бројот на родени од жени од Саипан. Бројот на кинески раѓања на островот се намали за време на пандемијата.
Паласиос вели дека во 2024 година биле родени 55 бебиња од кинески мајки. Грижата за мајките кои доаѓаат само за да се породат е предизвик за персоналот во болницата и ризик за самите жени, вели тој.
„Кога ќе дојдат овие жени, немаат никакви пренатални досиеја, па немаат поим дали се работи за високоризично раѓање или било што друго”, вели Паласиос.
Од 2009 година, владините записи покажуваат дека овде се родени околу 3.300 бебиња од кинески мајки. Је вели дека го пронашла Саипан на социјалните мрежи додека истражувала места за породување.
„Немав време да аплицирам за виза бидејќи тоа вклучува дополнително време за чекање. Бременоста беше изненадување. Го избрав ова место бидејќи тоа беше местото до кое можев брзо да стигнам за да го постигнам она што го сакав”, вели Је.
Је аплицира за американски пасош за нејзината едномесечна ќерка. Таа исто така плаќа повеќе за да биде готов за три недели.
„Се плашам дека политиката ќе има влијание сега кога Доналд Трамп е претседател, па платив дополнително за побрзо да го добијам пасошот”, посочува Је.
Конзервативците во САД тврдат дека државјанството со право на раѓање поттикнува илегална имиграција и се експлоатира. На неговиот прв ден на функцијата, претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба за негово прекинување.
„Ние сме единствената земја во светот што го прави ова со право на раѓање и тоа е едноставно апсолутно смешно”, рече Трамп.
Додека оваа наредба се оспорува на суд, Је се надева дека ќе има добар исход за нејзината ќерка, а можеби дури и за неа.
„Чувствувам дека кога ќе дојдам тука, ова е по-хумано место. Сигурно ќе има начин да се решат предизвиците со кои се соочувам”, вели Је.
Од крајот на минатата година, патниците од Кина мора да аплицираат онлајн за ослободување и да поминат електронски процес на претходно проверување пред да им биде дозволено да влезат.
Facebook Forum