Линкови за пристапност

Завојуваните страни во Судан трет ден разговараат за отворање хуманитарни коридори


Претставниците на двете завојувани фракции на Судан се состанаа во понеделникот на трет ден од разговорите во Џеда, Саудиска Арабија, за да договорат отворање на хуманитарни коридори во Судан, но немаше знаци дека преговорите постигнале напредок.

Страните инсистираа дека седат една спроти друга за да донесат малку олеснување на хуманитарната ситуација во северноафриканската земја и да не преговараат за примирје.

Разговорите, кои започнаа во саботата, имаат за цел да им дозволат на хуманитарните агенции да пристапат до оние кои се ранети, гладни или раселени.

Саудиското кралство веќе вети дека ќе му обезбеди на Судан хуманитарна помош во вредност од 100 милиони долари.

Борбите избија во Судан во средината на април. По само неколку недели борби меѓу војската на земјата и паравоените сили, стотици илјади Суданци беа принудени да ги напуштат своите домови, а многу од раселените бараат засолниште во пограничните земји.

Кревките договори за прекин на огнот не успеаја да го прекинат конфликтот, па дури и да придонесат многу за намалување на насилството.

Очевидци од главниот град на Судан Картум, изјавија за Гласот на Америка, дека слушнале повторен истрел и воздушен напад во градот денес во и околу централното градско подрачје.

Саудиски официјален претставник изјави за агенцијата Франс-прес дека разговорите во Џеда досега не донеле „никаков голем напредок". „Секоја страна верува дека е способна да ја добие битката“.

Судан трибјун во неделата објави дека армиските преговарачи поставиле три барања, вклучително и безусловно повлекување на Силите за брза поддршка од Картум, продолжување на хуманитарното примирје и интеграција на РСФ во суданската армија во рок од две години.

Весникот вели: „Не е јасно како преговарачите на РСФ ќе одговорат на овие барања“.

Суданските граѓани со мешавина на надеж и скептицизам ги следат разговорите во Џеда.

Сумеја Муса, која побегна од насилството од Картум во државата Ал Џазира, изјави за Гласот на Америка дека се надева оти разговорите ќе доведат до примирје што ќе ѝ овозможи безбедно да избега од Судан.

„Ние страдаме. Сакаме само да видиме воздушни напади, бомбардирања и пушки да престанат некое време“, рече таа.

Агенцијата за миграција на Обединетите нации неодамна соопшти дека најмалку 334.000 луѓе се внатрешно раселени поради борбите, покрај 100.000 кои ја напуштиле земјата. Агенцијата на ОН за бегалци предупреди дека борбите може да предизвикаат повеќе од 800.000 да избегаат од Судан.

Повеќето операции за помош се суспендирани или сериозно намалени поради недостаток на безбедност. Во борбите загинаа неколку хуманитарни работници.

Светската програма за храна соопшти дека речиси 17.000 тони храна вредна меѓу 13 и 14 милиони долари се украдени од нејзините магацини низ Судан.

Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина неодамна соопшти дека упатила итен апел за поддршка на суданската Црвена полумесечина во напорите да испорача помош на 200.000 луѓе.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG