Линкови за пристапност

Борбите меѓу ривалските генерали во Судан веднаш да престанат, повика Гутереш


Овој конфликт нема и не смее да се реши на бојното поле, со телата на народот на Судан, рече генералниот секретар на ОН на вечерaшниот состанок на Советот за безбедност
Овој конфликт нема и не смее да се реши на бојното поле, со телата на народот на Судан, рече генералниот секретар на ОН на вечерaшниот состанок на Советот за безбедност

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денес апелираше борбите меѓу ривалските генерали во Судан „веднаш да престанат“ и предупреди дека тие не смеат да се претворат во долготрајна војна од целосен обем.

„Овој конфликт нема и не смее да се реши на бојното поле, со телата на народот на Судан“, рече тој на вечерaшниот состанок на Советот за безбедност на кој се разговараше за ситуацијата.

Тој рече дека страните мора да го почитуваат 72-часовниот прекин на огнот постигнат со посредство на САД, кој започна на полноќ во понеделникот.

И суданските вооружени сили и паравоените Сили за брза поддршка предводени јавно ветија дека ќе го задржат прекинот на борбите.

Врвниот дипломат на ОН во Судан Вокер Пертес, рече дека привремениот прекин на огнот важи само во некои делови на земјата, и оти двете старни меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето.

„Меѓутоа, слушаме и континуирани извештаи за борби и движење на војниците“, рече тој пред Советот.

„Во Картум, борбите околу Републиканската палата, меѓународниот аеродром во Картум, штабот на армијата, базите на РСФ и другите стратешки локации во голема мера продолжија или, во некои случаи, се интензивираа“, рече Пертес.

Од почетокот на борбите на 15 април, тој рече дека најмалку 427 луѓе биле убиени, до 4.000 се ранети, и оти бројките се зголемуваат.

Меѓу загинатите има и пет хуманитарни работници, како и еден египетски дипломат. Пертес ги повика страните да им дозволат на цивилите безбедно да ги напуштат конфликтните области.

Претставникот на ОН е во редовен контакт со ривалските генерали.

„Сè уште нема недвосмислен знак дека едните и другите се подготвени сериозно да преговараат, што сугерира дека и двајцата мислат оти е можно да се обезбеди воена победа над другиот“, рече Пертес. „Ова е погрешна проценка“.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG