Линкови за пристапност

Борбите ја попречуваат хуманитарната помош во Судан, вели Светската програма за храна


Портпаролката на Светската програма за храна за Судан Лени Кинзли за Гласот на Америка изјави дека е планирана помош во храна за 384.000 луѓе
Портпаролката на Светската програма за храна за Судан Лени Кинзли за Гласот на Америка изјави дека е планирана помош во храна за 384.000 луѓе

Светската програма за храна вели дека се мачи да достави помош до главниот град на Судан, Картум, и до другите области каде што има интензивни борби и повеќекратни неуспешни прекини на огнот.

Портпаролката на Светската програма за храна за Судан Лени Кинзли, рече дека агенцијата почнала да дистрибуира помош во храна за луѓето кои избегале од борбите на, како што таа ги опиша, „мирни“ локации.

Кинзли за Гласот на Америка изјави преку апликација за пораки од Германија дека Светската програма за храна планира да обезбеди помош во храна за 384.000 луѓе.

„Ова ги вклучува новораселените лица, заедниците домаќини кои се екстремно ранливи, како и веќе постоечките бегалци кои се засолнуваа во некои од овие држави“, рече Кинзли.

Таа рече дека интензивните борби во и околу Картум го спречиле безбедниот пристап до областа, каде што милиони луѓе се борат да преживеат.

Асошиетед прес објави дека силното гранатирање во суданската престолнина во четвртокот ги нарушило напорите да се достави многу потребната помош за цивилите заробени од завојуваните генерали.

Суданската војска и нејзиниот ривал, паравоените Сили за брза поддршка, се согласија на неколку прекини на огнот, но ниту еден не успеа.

Таа ги повика двете страни да ја гарантираат безбедноста на хуманитарните агенции за да обезбедат помош.

„Многу ни е тешко безбедно да обезбедиме помош, затоа продолжуваме да ги повикуваме двете страни во конфликтот да се придржуваат до прекинот на огнот и сите обврски според меѓународното хуманитарно право, да го заштитат хуманитарниот персонал, хуманитарната помош и сите средства и простории кои се на хуманитарни организации“, рече Кинзли.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш им се обрати на новинарите за време на посетата на канцеларијата на ОН во Најроби, Кенија. Тој рече дека меѓународната заедница треба да изврши притисок врз завојуваните генерали во Судан да престанат со борбите.

Во борбите од 15 април загинаа стотици луѓе, а стотици други избегаа.

Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, соопшти дека повеќе од 128.000 луѓе веќе го напуштиле Судан, а близу 900.000 се очекува да пребегнат во соседните земји во наредните недели.

Кинзли рече дека Светската програма за храна веќе обезбедила помош во храна за повеќе од една третина од 30.000 Суданци кои побегнале во Чад.

УНХЦР соопшти дека сличен број избегале во Јужен Судан, 47.000 во Египет и околу 10.000 во Централноафриканската Република.

XS
SM
MD
LG