Линкови за пристапност

Насилството во Судан е предавство на народот, рече Бајден


Борбите продолжуваат околу Картум и покрај суданскиот прекин на огнот
Борбите продолжуваат околу Картум и покрај суданскиот прекин на огнот

Тешките борби, наводно, продолжуваат денес во и околу суданскиот главен град Картум, и покрај примирјето што го договорија двете страни во конфликтот.

Суданската армија и паравоените Сили за брза одбрана се чини дека се обидуваат да ги истуркаат другите од центарот на Картум и да ги контролираат областите околу претседателската палата и седиштето на Армијата.

Американскиот претседател Џо Бајден изрази жалење за континуираното насилство. Тој воведе санкции за да ги блокира сите Суданци кои го попречуваат притисокот кон демократијата во североисточна африканска земја да вршат финансиски трансакции поврзани со какви било сметки на САД или имот што може да го поседуваат.

„Насилството што се случува во Судан е трагедија и тоа е предавство на јасното барање на суданскиот народ за цивилна влада и транзиција кон демократија“, рече Бајден во изјавата.

„Ова насилство, кое веќе ги украде животите на стотици цивили и започна за време на светиот месец Рамазан, е несовесно. Мора да заврши“.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш апелираше за прекин на борбите во Судан и меѓународна поддршка за суданскиот народ, за кој рече дека се соочува со хуманитарна катастрофа.

„Помошта мора да биде дозволена во Судан и ни треба сигурен и непосреден пристап за да можеме да ја дистрибуираме до луѓето на кои им е најпотребна“, рече Гутереш за време на прес-конференција во Најроби, Кенија.

„Цивилите и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени, а хуманитарните работници и нивните средства мора да се почитуваат“.

Извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел вќера рече дека „ситуацијата во Судан се движи кон катастрофа, а децата се` повеќе се фатени во вкрстен оган“.

Расел рече дека УНИЦЕФ „има извештаи дека 190 деца се убиени и уште 1.700 повредени во Судан од избувнувањето на конфликтот пред речиси три недели“.

Суданското министерство за здравство соопшти дека повеќе од 500 луѓе се убиени, а речиси 5.000 се ранети од почетокот на борбите на 15 април, за време на борбата за власт меѓу водачите на суданските владини сили и Силите за брза поддршка.

Агенцијата за миграција на ОН оваа недела соопшти дека најмалку 334.000 луѓе се внатрешно раселени поради борбите, покрај 100.000 кои ја напуштиле земјата.

Агенцијата на ОН за бегалци предупреди дека борбите може да предизвикаат повеќе од 800.000 луѓе да избегаат од Судан.

Многумина одат во седумте земји што граничат со Судан, вклучувајќи ги Чад, Јужен Судан, Централноафриканската Република, Египет и Етиопија.

Дел од информациите во текстот се од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG