Новинарката од Хонг Конг, Ширли Леунг се сеќава на денот кога хонгконгскиот весник Епл Дејли беше принуден да се затвори во 2021 година.
„Затворањето на Епл Дејли за мене и за некои мои колеги беше многу трауматично”, вели Леунг.
Леунг беше репортерка во Епл Дејли. По затворањето на весникот, таа кратко работеше како фриленсерка во Хонг Конг. Во 2023 година, таа се пресели во Тајван за да основа нов медиум наречен Фотон Медиа, кој обезбедува нецензурирани вести од Хонг Конг.
„Можам да видам дека е многу важно за луѓето или читателите од Хонг Конг да знаат што се случува надвор од Хонг Конг и да им се обезбедат различни перспективи”, додава Леунг.
Во 2019 година, жителите на Хонг Конг излегоа на улиците. Тие протестираа против предложените промени во политиката што ќе им овозможи на луѓето во Хонг Конг да бидат екстрадирани во Кина. Владата на Хонг Конг го воведе Законот за национална безбедност следната година за да го поништи несогласувањето. Продемократските медиуми, вклучително и „Епл Дејли“ и неговиот основач Џими Лаи, станаа мета на владината репресија.
И покрај зголемениот притисок врз новинарската заедница, главниот извршен директор на Хонг Конг, Џон Ли, во април рече дека медиумите можат да „поставуваат прашања“, но треба да избегнуваат „провоцирање конфликти“.
„За мене, тоа е смртта на слободата на печатот”, додава Леунг.
На повеќе од 9.000 километри во Англија, Бенсон Вонг исто така се обидува да ја одржи слободата на печатот во Хонг Конг. Академик и колумнист, Вонг од 2022 година пишува за чувствителни теми за медиум од дијаспората со седиште во Обединетото Кралство, наречен The Chaser (Д Чејса).
„Локалните весници во Хонг Конг, имаат оградувања кои велат дека „нема да предизвикаме омраза и ќе се придржуваме до законот на Хонг Конг“. Луѓето сакаат да кажат нешто. Моите написи на некој начин, можат да кажат што сакаат за нив”, вели Вонг.
И Вонг и Леунг велат дека останувањето финансиски одржливи е голем предизвик за медиумите од дијаспората, бидејќи тие се борат да одржат простор за алтернативни гласови.
„Такви медиумски платформи од дијаспората можат да се потпрат само на многу ограничен приход, можеби од програмите на Јутјуб или некои луѓе кои активно донираат за поддршка на тие медиумски платформи”, додава Вонг.
„Слушнав дека како и другите медиуми од дијаспората на различни места, намалуваат персонал, отпуштаат вработени и кратат буџети”, посочува Леунг.
Соочена со финансиски предизвици за сопствениот медиум за вести, Леунг вели дека ќе се потруди да продолжи да пишува за вестите од Хонг Конг – од дијаспората.
Facebook Forum