На Путин да му се суди за злосторства против човештвото, порачаа учениците на денешниот протест што се одржа во Скопје, а по повод две години од руската инвазија врз Украина. Учествуваа украински, но и македонски граѓани, кои упатија порака дека „Русија е терористичка земја“. Меѓу другото, беше укажано дека на Украина ѝ е неопходна силна меѓународна воена помош, за да ги ослободи привремено окупираните територии и да се воспостави повторно мир во регионот. Воедно, учесниците нагласија дека Русија е закана и за глобалниот мир.
За време на протестот, пред руската амбасада учесниците запалија и портрет од рускиот претседател Владимир Путин.
Претставниците од Украинското здружение „Лесја Украинка“, кое го организира протестот, се заблагодарија за помошта што македонските граѓани и државата ги упатиле кон Украина, како и за отворените врати кон украинските бегалци во земјава. Воедно беше истакнато дека на бегалците од Украина во Северна Македонија им е овозможено полесно да се интегрираат во општеството преку тоа што веќе им е дозволено да се вработуваат, да имаат државно здравствено осигурување, како и образование и градинки за децата.
Пред протестот се одржа и кус протестен марш низ центарот на Скопје од Алејата на Украина, кон руската амбасада, а на чело беше украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир.
Facebook Forum