Линкови за пристапност

За средното образование, за промените, за критиките: Интервју со Весна Јаневска, министерка за образование


На прво место ќе дојдат афинитетите на учениците, а со тоа и подобар успех. Тоа е ставот на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, со која разговаравме за новиот Концепт за гимназиско образование. За реакциите од наставници и професори, Јаневска вели, ќе има работа за сите наставници.

Весна Јаневска, министерка за образование: Учениците ќе бидат поуспешни со новата Концепција за гимназиско образование

На прво место ќе дојдат афинитетите на учениците, а со тоа и подобар успех за македонското образование. Тоа е ставот на министерката за образование, Весна Јаневска, со која разговаравме за новиот Концепт за гимназиско образование.

Дојдоа бројни реакции од професори, училишта, институти дека со измените ќе се укинат дел од предметите или ќе им се намали бројот на часови. Но, министерката тврди: „Не е така“.

Проследете го интервјуто со министерката Јаневска во продолжение:

Се подготвува нова Концепција за развој на гимназиското образование. Кои се главните причини, цели и очекувања од оваа концепција?

Причините за промената на концепцијата на гимназиското образование, е тоа што таа 24 години во Македонија не е променета. Целото општество се согласува дека е потребна промена и ние, заедно со Бирото за развој на образованието, понудивме Предлог концепција за новото гимназиско образование.

Во оваа концепција во центарот е поставен ученикот, неговите афинитети кон одредени предмети или кон одредени полиња, области кои ќе побудат кај него интерес и желба за учење. Познато е дека, за жал, нашите ученици не покажуваат добри резултати на меѓународните, па и на домашните тестирања.

Сакавме да направиме концепт кој ќе ги предизвика учениците за да се зафатат за она што тие сметаат дека имаат компетенција, па дури и да е само нивна желба за понатамошно образование. Секако тие што треба да им помогнат, стручните соработници, кариерните советници, би можеле да ги насочат во кој правец треба да се движи нивното понатамошно образование и тоа треба да го направат.

Предност на афинитетите на ученикот

Се надеваме дека со еден таков концепт учениците кои пројавуваат интерес за одредени предмети ќе покажат и подобар успех, затоа што со желба ќе ги совладуваат знаењата и вештините и компетенциите од тие предмети.

Оттука понудивме пакети во кои, би рекла дел од природно математичките (математика, физика, хемија), дел од општествените (биологија) и хуманистичките науки (историја, географија) ќе одат со продлабочени знаења. Потоа со базични знаења понудивме и повеќе други предмети, во 3. и 4. година да бидат изборни, слично на „IB“ програмата.

За разлика од тоа, во 1. и 2. година децата имаат обврзувачки курикулум. Каде што треба да ги стекнат сите базични знаења од сите области кои се предвидени.

Поентата е дека тоа што концепцијата насочува кон еден фокус се афинитетите на ученикот и од тука очекуваме негова негов поголем ангажман, постигнување на знаење и постигнување на подобри резултати.

Силни се реакциите за предвидениот наставен план од Концептот, особено за тоа што филозофија и социологија стануваат изборни, етика се исклучува, музичко и ликовно по еден час неделно. Зошто вакви решенија и по кој урнек се правени?

Секоја новина предизвикува бурни реакции. Не е неочекувано. Но нагласувам дека тоа е една драфт верзија која ја ставивме на јавна расправа и очекуваме повратни информации на тоа што стручната фела мисли дека би било соодветно. Дури и во една средба со нив, на Филозофскиот факултет, од каде што се најголемите реакции, побарав да дадат предлог.

Во моментов слушам само критики и поединечни предлози, но ние сето тоа внимателно ќе го проследиме.

Не се укинуваат Етика и Логика, тие се дел од Филозофија

Не се укинуваат предметите. Во предметот Филозофија, со по 2 часа во 3. и 4. Година, составен дел се и Етика и Логика. Ако професорите учествуваат во создавање на наставната програма, министерството не може да им се меша во тоа што тие ќе вметнат во програмата и што ќе предаваат.

Ако кажеме дека поединечно нема Етика и нема Логика да, меѓутоа има Филозофија во кои може да се предава и Етика и Логика. Од тука, не гледам дека е тоа сериозен проблем.

Проблемот е што тие предмети во 3. и 4. година ги ставивме како изборни, односно обврзувачки изборни предмети. Од група на шест (предмета) детето да избере два, а од друга група на 3 или 4 (предмета) ученикот да избере два предмета, на кои ќе се посвети.

Самиот избор е проблем и се појавува еден страв дека можеби тие предмети нема да бидат избрани. Но, јас ќе потсетам дека и сега, во сегашната гимназиска концепција има шест модули, би рекла, каде што децата бираат во кој правец ќе се насочат.

Како и да е, секоја дискусија е добредојдена и критиките се добредојдени. Всушност затоа е ставено на јавна расправа. Јавната расправа ќе продолжи. Ние ќе подразмислиме и понатаму, со оглед на тоа дека сме должни да ги слушаме и стручната фела и учениците и родителите, ќе продолжиме да ја разработуваме Концепцијата.

Со тоа сакам да кажам дека на мое големо задоволство, иако тоа не значи дека ние нема да продолжиме да размислуваме, повторно од страна на учениците и одредени групи на родители добиваме и позитивни мислења.

Ќе има ли измени после реакциите, со оглед дека и самата рековте дека овој Концепт за гимназиско образование е драфт верзија?

Да. Во контакт сме со Бирото за образование, кое дефакто е стручното тело да создава и предлага концепти, наставни планови и програми.

Немавме сериозна средба до сега, но ќе оствариме. Во првичните контакти, да ние сме расположени да направиме некакви промени.

Во делот за Спорт, односно т.н. Физичко, се наведени два часа неделно. Дали се тие доволни, со оглед дека младите денес се поретко физички активни?

Не се само 2 часа неделно. Тој е обврзан курикулум. Концепцијата нуди надвор од од задолжителниот план и програма да има многу дополнителни часови, многу дополнителни активности, повторно по избор на ученикот или според тоа како целото училиште ќе си ја организира програмата. Тоа е новината.

До сега немаше ништо друго освен задолжителниот курикулум. Предметите кои учениците требаше да ги научат, а резултатот е последни на Писа-тестирањата, меѓу трите последни држави.

Оваа концепција нуди многу повеќе активности во училиштата и подолг престој на учениците во училиштата. Но, не на овој начин да се фокусирани на предметите кои мора да ги изучуваат. Одреден дел секако ќе треба да ги изучуваат. Но, оваа концепција нуди и во задолжителниот курикулум избор, но и многу други наставни активности после завршување на задолжителните часови.

Часовите по Ликовно и Музичко не се намалени, ќе имаат секции

Значи може да имаат Физичко, може да имаат Ликовно, може да имаат Музичко. Патем, часовите по Ликовно и Музичко не се намалени во однос на сегашната концепција. Можат да имаат драма, поезија, теми од географија, теми од секој можен предмет кој тие го сакаат. Можат да имаат дополнителни активности за да стекнат повеќе знаење и вештини.

Предвидуваме и Општествено-корисна работа која досега ја немале, што е многу значајно за да ја согледаат реалноста, да се социјализираат во општеството, да се соочат со проблемите на општеството. Особено посебно внимание посветуваме на критичкото мислење, на решавање проблеми. Значи сè она што побарува една модерна концепција прилагодена на модерните земји кои покажуваат видни резултати на учениците на натпревари, тестирања и така натаму.

Да очигледно е дека потребно да дообјаснуваме и ќе дообјаснуваме. Тоа е наша работа, а другите треба да нè слушнат и повторно да дадат свое мислење.

Задолжителна општествено-корисна работа

Во програмата стои и задолжителна Општествено-корисна работа за учениците со 36 саати годишно. Како е замислен овој дел, што ќе работат, каде ќе работат?

Учениците не можат да се концентрираат, да речеме шест или осум часа и нон-стоп да учат. Оваа општествено-корисна работа ќе треба да си ја организира училиштето.

Што опфаќа? Еве јас ќе кажам неколку примери. На пример, можат да си го исчистат и средат училишниот двор, клупи да изработат, да постават зеленило, да аранжираат. Може да отидат во старски дом да им читаат на возрасните лица во старскиот дом. Може да отидат во болница, па да помогнат, еве да им читаат на децата кои се во болницата, нешто да помогнат да ги нахранат, да се соочат со реалниот живот кој вообичаено нашите млади во моментов го немаат.

Статистиката вели дека нашите млади, што и не е многу различно од други делови од светот, претежно се фокусирани на мобилните телефони, на употреба за различни цели на мобилните уреди или евентуално некакво слободно дружење меѓу себе.

Сега сакаме да им покажеме дека кога живеат во организирана држава, тие имаат и одговорности кон некоја држава и тоа да го видат и да го искусат за да може утре да одлучуваат каде и што би можеле да придонесат.

Спомнавте и секции како Ликовно, Физичко, Музичко итн. Кој ќе го води сето тоа?

Наставниците. Ние имаме паралелки со исклучително мал број ученици. Доколку воведеме ред и тие паралелки ги споиме во нормален број на ученици од 20, 22, 40 ученици, сеедно каков ќе биде договорот. Тогаш одреден број наставници кои биле ангажирани за помалите паралелки, (иако се плашат дека ќе останат без работа, а јас велам дека нема), ќе бидат вклучени во целокупната работа на училиштето.

Факт е, и не бегам од тој факт и од таа одговорност, дека ќе имаат малку поголем ангажман. Но, тоа води кон подобри перформанси на учениците и постигнување подобри ефекти во стекнувањето знаење и покачување на квалитетот и нивото на знаење на учениците.

Населението се иселува, училиштата се празнат, во некои паралелки остануваат по 2-3 ученици. Колку училишта се затворија до сега?

Да, тоа е процес на оптимизација што Македонија е неопходно да го спроведе, повторно во корист на учениците. Целата наша политика е фокусирана за најдобриот бенефит на учениците. Ако вие во едно училиште или имате паралелка од 3-4 деца, очигледно е дека не може да се постигне соодветен квалитет во однос на паралелки кои имаат малку поголем број ученици. Првенствено затоа што треба да се социјализираат, второ затоа што треба да ги поттикнеме и да се споредуваат и да се натпреваруваат. Да постигнуваат или лидери да бидат и да постигнуваат некакви успеси. Оттука, процесот на оптимизација е неопходен.

Семејствата се иселуваат - затворени 50 училишта

Дополнително е што државата прави огромен трошок за училишта, каде што нема ученици. Но, повторувам, првенствено се важни децата.

Да тој процес и понатаму ќе се спроведува затоа што сè уште не е довршен, а некаде и природно се случува. Во одредени рурални средини, за жал, ние веќе немаме ученици и природно се затвораат училиштата. Во моментот имаме нешто над 50 такви училишта кои веќе не функционираат.

Што ќе биде со платите на наставниот кадар, ќе има ли нови колективни договори, со оглед дека животот станува сè поскап?

Во однос на колективните договори ние веќе имаме од постигнато устен договор дека до крајот на февруари оваа година би требало да потпишеме колективен договор, кој ќе ги обезбедува правата на наставничкиот кадар, но секако и на соработниците и сите вработени во училиштата.

Нов колективен договор до крајот на февруари

Во овој момент се работи на тој колективен договор и ние до крајот на февруари, веројатно ќе го потпишеме, за со мартовската плата наставниците да го добијат зголемувањето од уште 7%, кое со претходните 5% од минатата година во септември, би изнесувале 12 проценти.

Делот за покачувањето на платата е комплетно усогласен. Така како што е договорено, на наставниците континуирано секоја година им се гарантира покачување на платата во зависност од состојбата на буџетот, од 7 до 10 проценти, а потоа и повеќе од тоа.

Се разбира, доколку буџетот е во добра кондиција, тој процент може да оди нагоре, но никако не може да оди надолу. Тоа е сосема усогласено. Верувам дека и неколку други членови кои треба да ги усогласиме, до крајот на февруари тоа ќе го направиме.

Најавивте затворање научни институти поради несоодветно работење. До каде е постапката, колку се затворени до сега?

Во моментов се затворени шест институти, а други петнаесетина сè уште се во рок во кој тие треба да отстранат нерегуларности кои комисијата од министерството ги констатирала кај нив.

Многу пати сме кажале дека заложба на оваа влада е да се работи регуларно и по закон. На институциите, особено на сите полиња на образованието е исклучително значајно. Веднаш почнавме со мониторинг за да видиме што ни се случува.

Ќе продолжиме така да функционираме, така како што јас вообичаено кажувам, секој што ќе се прилагоди на законските одредби ќе може да продолжи да функционира. Законот важи за сите и мора да се почитува. Тие што нема да ги исполнат законските одредби нема да можат натаму да функционираат или да постојат. Во овој случај ние ги затвораме.

Ќе имаме ли конечно наш универзитет на видна позиција на Шангајската листа?

Ќе имаме. Мора да имаме. Жално е што немаме, затоа што веќе повеќето земји во нашата околина имаат универзитети на Шангајската листа. Јас не можам да кажам дека тоа ќе се случи утре, задутре или во период од една до две години. Меѓутоа, преку соработката што министерството ја има со универзитетите во државата, во еден партнерски однос, со заеднички сили се обидуваме тоа да го постигнеме.

Стимулација за научниот кадар

Потребни се и промени во законските решенија. Потребно е вложување и стимулација на научниот и високо-образовниот кадар. Тоа почнавме да го правиме. Се надевам дека ако продолжиме во континуитет секако до крајот на овој мандат би рекла, можеме да очекуваме.

Но, не е важно, нека биде и во следниот, нечиј мандат. Битно е да го добиеме универзитетот на шангајската листа, а тој процес е почнат и верувам дека и ќе се заврши затоа што во овој момент има и такво општествено расположение. Во минатото можеби и немало.

И, секако, кога критериумите се на многу ниско ниво за избор во звања, нема стимулација. Ние ќе направиме нешто за да бидат сите стимулирани, за заеднички да ја постигнеме целта.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG