Линкови за пристапност

Влатко Шешов, ИЗИИС: Ги убедуваме општините, да не се прескокнува контролата на градбите


Влатко Шешов, ИЗИИС: Ги убедуваме општините, да не се прескокнува контролата на градбите
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:23 0:00

Сакајќи да им излезат во пресрет на инвеститорите, сакајќи тие згради што побргу да ги стават во промет или што побргу да ги стават во изведбен процес, некогаш се случува да има и скокање на некои од чекорите за контрола, вели Влатко Шешов, првиот човек на ИЗИИС, во разговор за Гласот на Америка.

Некои општини низ државата, не ги изведуваат сите контроли за сеизмичка стабилност на објектите што се градат на нивна територија. Тоа го посочува Влатко Шешов, првиот човек на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, во разговор за Гласот на Америка.

„Некои од општините ги релативизираат овие контроли и велат дека тие не се потребни да се прават на самото место“, вели Шешов и објаснува дека се работи за проверки кои е неопходно да се извршат кога објектот веќе е во градба.

„Имаме контроли МИС-1 и МИС-2. МИС-1 е контрола којашто се прави на 50% изведеност на објектот. Бидејќи, ако тогаш се констатираат грешки, истите тие треба да се отстранат“, посочува Шешов.

Институтот е надлежен за контрола на објектите кои се поголеми од 300 метри квадратни, како во фаза на проект, така и во фаза на изведба. Сепак, кај дел од општините сè уште не наидуваат на целосна соработка.

„Сакајќи да им излезат во пресрет на инвеститорите сакајќи тие згради што побргу да ги стават во промет или што побргу да ги стават во изведбен процес, некогаш се случува да има и скокање на некои од овие чекори на контролите што ние ги вршиме. Не велам дека тоа е намерно, меѓутоа има, се јавуваат такви проблеми со општините. Ние имаме разговори со нив. Колку можеме, ги убедуваме за сепак, тие контроли, да значат и заштита на живот утре, ако се случи некоја катастрофа“, образложува Шешов.

Но, тоа што најмногу загрижува се дивоградбите, кои некогаш се и цели станбени згради. Се легализираат без извршена контрола од ИЗИИС.

„Тоа е темната страна на градежништвото, на општеството. Тие нелегални градби се рак-рана во градежништвото. За нив немаме контрола, не знаеме како се изведени. Уште помалку знаеме како ќе се легализираат. Тоа легализирање е само со некои обични сметки, без проект, без контрола на квалитетот при изведбата. Еднаш мора да се стави крај. Ја нарушува целокупната наша заложба за безбедни и сигурни објекти“, категоричен е Шешов.

Првиот човек на ИЗИИС додава дека проблемот е што нема контрола врз таквите објекти.

„Ние не велиме дека тие не се сигурни. Меѓутоа, нема контрола, вие за тој објект немате ништо“, посочува Шешов.

Шешов ја нагласи опасноста и од доградбите што се прават врз стари згради.

„Особено за објекти што се постари од седумдесеттите, шеесеттите години. Никако да не се дозволува доградба или надградба на објектите. Можно е и таму да се прават доградби меѓутоа се исклучително скапи. Тоа треба да се прави многу внимателно многу студиозно и со дополнителни елементи, со дополнителни вложувања, а тоа ретко кој го прави во Македонија“, вели Шешов.

Инженерот Шешов укажува и на статистичките податоци за однесувањето на доградбите при потреси.

„Сведоци сме, во сите досегашни природни катастрофи, најмногу страдаат токму тие објекти“, вели Шешов.

Институтот е надлежен за контрола на стабилноста и на мостови, тунели, потпорни ѕидови на автопатиштата низ државата. За свлечиштата на автопатот Кичево-Охрид, Шешов коментира:

„Сигурно постоело некое технички поинтелигентно решение, наместо да се прават оние засеци. Тоа секако, кога ќе биде изложено на атмосферски влијанија таа земја оставена така, секако ќе појави локална или поголема глобална нестабилност“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG