Борба против криминалот и корупцијата, забрзан економски развој и реформи неопходни за евриоинтеграциите – ова ќе бидат трите приоритети на идната влада.
Тоа идниот мандатар Христијан Мицкоски го кажува на серијата средби со дипломатите во Скопје, како денешната со швајцарската амбасадорка, кои сакаат, од прва рака, да се информираат за приоритети на владата во доаѓање.
Најавите се дека новиот владин кабинет ќе ја преземе должноста не подоцна од 20 јуни. Тој термин се поклопува со информацијата дека наредната седмица претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе му го додели мандатот на Христијан Мицкоски за составување на владата, по што тој ќе има 20 дена за да ја достави програмата и составот на владата до Собранието со кое од пред неколку дена претседава Африм Гаши од коалицијата „Вреди“.
Информациите од партиите кои ќе бидат дел од идната коалиција се дека преговорите за изгледот на идната влада се во финалните фази. Она што се дознава е дека ресорите веќе се поделени. Најголемиот дел одат кај коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која оствари убедлива победа на изборите. Станува збор за ресорите за внатрешни работи, за одбрана, за финансии, за надворешни работи, за транспорт и врски, за земјодество, за образование, за култура, за спорт, за локална самоуправа... Оваа коалиција ќе ги добие и новите ресори за енергетика и за дигитална трансформација, за односи меѓу заедниците, како и вицепремиер за политички систем и еден министер без ресор.
Кај коалицијата „Вреди“ одат пет министерства – за здравство, за животна средина, за социјална политика, за економија и труд како и новото министерство за европски прашања кои ќе биде унапредено од позицијата секретаријат. „Вреди“ добива е еден министер без ресор.
Знам на кумановскиот градоначланик Максим Димитриевски, која освои 6 пратенички мандати, ќе се задоволи со два ресора – за правда и за администрација.
Паралелно со договарањето на идната влада, кај спротивниот политички табор се подготвуват промени по катастрофалниот избрен резултат. На синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ усвоен е правилник за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на иден лидер на партијата. Кандидирањето ќе трае во наредните седум дена, а изборите ќе се одржат на 30 јуни. За најсериозни претенденти за функцијата од која се повлекува Димитар Ковачевски се сметаат Венко Филипче, Славјанка Петровска, Стефан Богоев, Јован Деспотовски.
Facebook Forum