Линкови за пристапност

Почна битката за лидер на СДСМ – во игра се Филипче, Петровска и Деспотовски


Тројца претенденти за фотелјата испразнета по оставката на Димитар Ковачевски денеска поднесоа кандидатури.
Тројца претенденти за фотелјата испразнета по оставката на Димитар Ковачевски денеска поднесоа кандидатури.

Почна трката за лидерската позиција во СДСМ.

Тројца претенденти за фотелјата испразнета по оставката на Димитар Ковачевски денеска поднесоа кандидатури. Станува збор за двајца актуелни пратеници, инаку поранешни министри, и актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони. Тоа се Славјанка Петровска, Венко Филипче и Јован Деспотовски.

Прв во партиското седиште се појави Филипче – образложи дека решил да се кандидира зашто верува дека СДСМ не само што ќе продолжи да постои, и покрај катастрофалниот пораз, туку и пак ќе стане победничка партија. Не крие дека има одлични односи со екс-лидерот Заев – вели дека е така и со претходните претседатели на СДСМ.

Имам одлични комуникации со сите членови на партијата и сметам дека тоа е еден од факторите.
Филипче, СДСМ

„Имам одлични комуникации со сите членови на партијата и сметам дека тоа е еден од факторите што ќе влијае да даде брзи резултати односно брзо обединување, со многу чести разговори и средби на кои сите членови ќе ги кажат своите размислувања коишто ќе бидат вградени во тоа како партијата ќе функционира понатаму. На тој еден инклузивен начин ќе се чувствуваат дека се дел од процесот на водење на партијата.“, изјави Венко Филипче, кандидат за претседател на СДСМ.

По него во седиштето дојде доскорешната министерка за одбрана Петровска, сега пратеничка во малубројната група на СДСМ во Собранието. Консолидација на партиските редови – тоа ќе и биде приоритет ако бисе избрана за претседателка на социјалдемократите.

Во дел од програмата набројувам и итни приоритети кои ќе трба да ги направиме, а кои ќе се однесуваат и на избор на ново раководство, согласно критериуми и принципи кои ќе бидат одлика на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Петровска, СДСМ

„Во оној период многу кус којшто е пред нас, затоа што очекувам и дека новата влада ќе има набиена динамика, ќе треба пред сè да ги консолидираме внатрешните редови. Во дел од програмата набројувам и итни приоритети кои ќе трба да ги направиме, а кои ќе се однесуваат и на избор на ново раководство, согласно критериуми и принципи кои ќе бидат одлика на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Иако, како што реков доживеавме пораз убедена сум дека социјалдемократијата и идејата за социјадемократијата е жива, исто како што е жива и вербата и надежта дека СДСМ повторно ќе се исправи и повторно ќе победи.“, оцени Славјанка Петровска, кандидатка за претседател на СДСМ.

Настрана од партиското седиште, во центарот на Скопје, својата кандидатура ја официјализираше и директорот на ТИРЗ, Деспотовски. Најавува нов пристап во функционирањето на СДСМ.

Ќе формираме Влада во сенка која ќе даде опција на граѓаните.
Деспотовски, СДСМ

„Ќе формираме Влада во сенка која ќе даде опција на граѓаните, да размислуваат и да споредуваат. Ќе бидеме конструктивна опозиција во Собранието, нема да критикуваме по секоја цена. Ќе подадеме рака на секој, вклучително и на политичките опоненти, за сите политики, проекти и чекори кои се во интерес на граѓаните и кои се совпаѓаат со програмата која ја нудиме.“, наведе Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ.

Сите тројца се долгогодиши членови на СДСМ, со различен професионален бекграунд. Петровска е правник, Филипче неврохирург, Деспотовски економист. Петровска долго време беше дел од Секретаријатот за европски прашања, потоа работела во Собранието, а од 2017 била шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи. Во 2022 стана министерка за одбрана.

Политичката кариера на Филипче добива нагорна линија во 2017 како советник за здравство на премиерот Заев, а потоа и како министер, позиција на која останува до 2021.

И Деспотовски минал долги години во Секретаријатот за европски прашања. По промената на власта во 2017 е директор на Фондот за иновации каде останува до 2020 кога е именуван за прв човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

Непосредните избори за лидер на СДСМ на кои ќе гласаат сите регистрирани членови на партијата ќе се одржат на карјот на месецот – на 30 јуни.

XS
SM
MD
LG