Оваа мала и уредна маса покрај прозорецот е работното место на Јулија Захарова. Половина година таа склопува дронови во својот дом.
„Не се двоумев дали ќе успеам или не. Имав цел да направам дронови“, вели Захарова.
Јулија - професионален дизајнер на производи - го склопува дронот користејќи детални инструкции испратени до неа од Сошал Дрон ЈуЕј, онлајн проект кој обезбедува упатства „направи сам“ и техничка поддршка за волонтери кои сакаат да ѝ помогнат на украинската армија.
„Ги нарачувам резервните делови од линковите достапни во пораките со заедницата. Таму сите бараат каде и што може да се најде поевтино. Сите овие се нарачани од Кина, а за достава е потребно околу еден месец. Донациите покриваат најголем дел од трошоците“, додава Захарова.
Идејата за создавање цивилна заедница на производители на дронови дојде од информатички специјалист, волонтерот Олексиј Асанов.
Тој најде начин да ги избегне трошоците за увоз и да обезбеди поевтини дронови кои можат да бидат опремени да бараат и уништуваат цели.
„Има ограничување на увозот на резервни делови, по што треба да платите царина. Но, ако вклучите многу луѓе за одделно да нарачаат мали серии резервни делови - нема да има царина“, вели Асанов.
Заштедуваат и за кирија, затоа што дроновите се чуваат дома, и сите се волонтери.
„Друга голема предност е тоа што не ни е потребна безбедност на една голема производствена локација, каде една ракета може да погоди и нема да има повеќе фабрика. Но, сега, повеќе од 5.000 Украинци низ целата земја се вклучени во проектот. Не можам да замислам што може да го уништи“, додава Асанов.
Асанов вели дека и цивилните и воените експерти ги тестираат беспилотните летала за квалитет и перформанси.
Макс, кој го даде само своето име од безбедносни причини, се грижи дроновите да бидат подготвени за лет.
„Ја проверувам рамката, насоката на моторите и дали дронот може да полета. Следно, проверувам дали има видео. Во овој дрон гледам дека видеото треба да се конвертира во друг формат. Тоа може да се реши за три минути“, додава Макс.
Јулија сама има направено 39 дронови за шест месеци.
„Многу помага за менталното здравје. Склопувањето на дронови е како играње со градежна играчка, но со цел. Кога испраќам беспилотни летала, постојано мислам „ве молам служете добро“, вели Јулија.
Сошал Дрон ЈуЕј вели дека тестира и испраќа околу 400 беспилотни летала на фронтот секоја недела и очекува да обезбедува 20 илјади дронови за воените напори секоја година.
Facebook Forum