Линкови за пристапност

Последна станица од азиската турнеја на Трамп


Претседателот на САД со азиските лидери разговараше за Северна Кореја и трговијата

Денешната средба меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и австралискиот премиер Малком Турнбул, беше проширена, вклучувајќи го и јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Промената ја нагласи важноста на трилатералните врски за регионалната безбедност, особено во однос на тоа како да се одговори на програмите за нуклеарно и ракетно оружје на Северна Кореја, но и на територијални претензии на Кина.

„Клучно за нас е да осигуриме блиска трилатерална соработка за да обезбедиме мир и стабилност“, изјави јапонскиот премиер кој со претседателот Трамп демонстрираше заеднички став во однос на Северна Кореја.

Со сличен став искажа и австралискиот премиер: „Ги имаме истите вредности и истиот фокус, со цел да обезбедиме дека северно - корејскиот режим ќе ги запре непромислените провокации и закани за регионален конфликт.“ рече Турнбул. „Мирот и стабилноста донесоа просперитетот за милијарди луѓе во текот на неколку децении, и ние ќе работиме заедно за да осигуриме дека го одржуваме“.

Во западниот дел на Тихиот окаен, во тек е масовна поморска вежба во која учествуваат три американски носачи на авиони која има за цел да демонстрира сила.

На американските носачи на авиони им се придружија и делови од јужнокорејските и јапонските поморски сили.

Трамп рече дека ќе излезе со „значајна изјава“ за Северна Кореја и трговија, откако ќе се врати во Вашингтон по азиската турнеја во која тој посети пет држави.

„Направивме многу голем напредок во трговијата", рече Трамп пред состанокот со Турнбул и Абе на маргините на Самитот на асоцијацијата на нации во Југоисточна Азија (АСЕАН), додавајќи дека неговото патување во Азија резултирало со продажни договори вредни 300 милијарди американски долари.“

Сепак, тој не понуди детали за најавената изјава.

Трамп исто така имаше состанок со филипинскиот претседател Родриго Дутерте, кој е домаќин на Самитот на АСЕАН.

„Имаме одлични односи“, рече Трамп.

Новинарите се обидоа да дознаат дали Трамп го покренал прашањето за човековите права на состанокот со Дутерте.

Дутерте кој се соочува со силни критики од меѓународните групи за човекови права, одговори: „Ова не е соопштение за медиумите. Ова е билатерална средба.“

Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, подоцна изјави дека на средбата меѓу Трамп и Дутерте „Фокусот бил на ИСИС, нелегалната трговија со дрога и трговија. Човековите права накратко биле дискутирани во контекст на борбата против илегалната трговија со дрога на Филипините“.

Портпаролот на Дутерте го негираше ова. „Не, тоа прашање не беше покренато“, рече Хари Роке одговарајќи на новинарско прашање.

Се очекува во Коминикето по разговорите на АСЕАН да биде објавено дека се започнува со официјални преговори за кодекс на однесување во Јужното кинеско море, каде што неколку држави имаат спротивставени територијални претензии. Голем број држави се загрижени за милитаризација на спорните острови кои ги контролира Кина.

Втор ден по ред во Манила се одржуваат насилни демонстрации, каде протестантите се судрија со полицијата која одговори со палки и водени топови.

Новинарите од локалните медиуми известуваат дека 10 лица се повредени, вклучително и шест полицајци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG