Опишан е како најголемиот судски случај во светот. Од судиите на Меѓународниот суд на правдата во Хаг - највисокото правно тело на Обединетите нации - беше побарано да донесат одлука за тоа дали големите нации загадувачи може да одговараат за предизвикување климатски промени и нивните штетни ефекти.
Помалите островски држави велат дека зголемувањето на нивото на морето го става во прашање нивното постоење.
„Според меѓународното право, државите имаат обврски да дејствуваат со должно внимание, да спречат значителна штета на животната средина, да ги намалат емисиите и да обезбедат поддршка за државите како мојата, да ги заштитат човековите права на сегашните и идните генерации”, вели Арнолд Кил Лофман, јавен обвинител на Вануату.
Судиите ќе ги разгледаат не само правно обврзувачките договори за климата, туку и меѓународното право за човекови права.
Судот слуша сведочења од земји одговорни за поголемиот дел од емисиите на стакленички гасови во светот - вклучувајќи ги и Соединетите Држави.
„Меѓународното право за човекови права не ги обврзува државите да ги ублажуваат антропогените емисии на стакленички гасови, ниту пак во моментов обезбедува човеково право на здрава животна средина. Иако, Соединетите Држави остануваат отворени за учество во процес предводен од државата за развој на такво право", истакна Маргарет Тејлор, правна советничка на Стејт департментот на САД.
Многу големи загадувачи тврдат дека единствените релевантни закони произлегуваат од постоечките договори за климата - и дека другите закони не се релевантни, вели Ники Рајш од Центарот за меѓународно еколошко право.
„Ги слушнавме како тврдат дека единствениот релевантен закон од кој може да се добијат какви било правни обврски е Парискиот договор за климатски проме. И всушност кога ќе го погледнете текстот на тој договор, тоа не бара многу. Слушнавме како САД навистина се обидуваат да го охрабрат судот и другите да ја игнорираат историјата, да го префрлат историското однесување на многудецениските емисии под тепих и да кажат дека она што се случило пред да се усвои договорот за климата не е навистина важно од правна перспектива”, посочува Ники Рајш од Центарот за меѓународно еколошко право.
Мислењето на судиите нема да биде правно обврзувачко, но, ќе има тежина, вели Рајш.
„Како еден вид правен план за одговорност, или водич за судовите и адвокатите ширум светот да разберат што бара меѓународното право и на што треба да ги држиме државите во однос на нивните климатски дејствија и нивните мерки за отстранување на климатските штети”, додава Рајш.
Пред судот ќе сведочат претставници од речиси 100 земји и меѓувладини организации . Сослушувањето треба да заврши на 13 декември. Се очекува судиите да го кажат своето мислење следната година.
Facebook Forum