Работниците во германскиот автомобилски гигант Фолксваген започнаа протест против предложените намалувања на платите и персоналот во компанијата.
Аналитичарите сметаат дека ова е знак за длабока криза во огромната германска економија поради високите цени на енергијата предизвикани од војната во Украина и прекинот на испораките на руски гас, по настојувањето на Берлин да се префрли на обновлива енергија, затворајќи ја и последната нуклеарна централа минатата година.
Работниците велат дека ќе ја продолжат борбата за спас на работните места.
„Тоа е многу тешка ситуација: компанијата повикува на затворање на неколку погони и масовни отпуштања и, во исто време, сака да ги испразни џебовите на вработените“, вели Торстен Грогер од Синдикатот на металопреработувачката индустрија.
Компанијата одби да го коментира тоа, бидејќи преговорите се во тек.
Индустриските аналитичари велат дека префрлањето кон електрични возила е главен проблем, при што германските производители на автомобили се борат да се натпреваруваат со поевтиниот кинески увоз, дури и откако ЕУ воведе царини за електрични возила од Кина.
Високата цена на работната сила во Германија е уште едно големо прашање.
„Со нашите големи синдикати, како што ги имаме овде во Германија, да бараат зголемување на платите од седум до десет проценти, мислам дека тоа е недостаток на реализам. Треба да остават простор за дишење и за индустријата“, смета Беатрис Каим од Центарот за автомобилските истражувања.
Враќањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во Белата куќа и неговите закани дека ќе воведе царини за увоз на возила е причина за загриженост кај германските производители на автомобили.
Но, Фолксваген, заедно со Мерцедес и БМВ кои имаат монтажни погони во САД, се надеваат дека тоа ќе ја зајакне нивната преговарачка моќ со новата американска администрација.
„Германската автомобилска индустрија е многу, многу активна на американскиот пазар. Мислам дека гледајќи го тоа, царините може да бидат нешто што ќе резултира со контраефект“, посочува Симон Шутц од ВДА.
Проблемите во Фолксваген се само еден од симптомите на поголема криза што избувна во германската политика. Колапсот на германската владина коалиција ја поттикна земјата да распише предвремени избори во февруари, поради фрустрациите кои се појавија по слабеењето на економијата и резултатите од неодамнешните регионални избори кои укажуваат на победа на екстремната десница.
Facebook Forum