Водата беше над капијата. И сега почна да се намалува. Јас откако сум дојден овде за два месеци за 50 сантими е намалена водата и почнаа да се појавуваат островчиња. Катастрофа е состојбата.
Така раскажува Богдан од Скопје, кој 18 години летото го поминува покрај Преспанското Езеро, во авто-кампот Крани. Вели дека е сведок на постепеното умирање на Езерото. Најочигледно е повлекувањето на водата во туристичката населба Крани, каде беше и Гласот на Америка.
„Од камповите каде што сум јас до плажата има 820 метри. Сега е повлечено Езерото некаде околу 400 метри. Ова уште ќе оди. Ако не се преземат мерки, ова ќе биде катастрофа. Влегуваме 150 метри, а водата е до колена“, вели Богдан.
Дека Преспанско ја губи битката со времето, зборуваат и фотографиите на Методија Јоновски, хроничар од Преспа. На нив се гледа, како мерачот со кој во минатото се мерело нивото на Езерото, сега е далеку од брегот. Вели дека повеќе не постојат ниту теоретски шанси, Езерото да се врати на нивото од1962-1963 година, кога било на 853 метри надморска височина. Сега е за дури 12 метри пониско, и е на 841 метар.
Постарите жителите се сеќаваат на убавите времиња на Преспанското Езеро.
„Јас го паметам кога беше на максимално ниво, кога беше скоро до авто кампот, до таму беше водата. И како почна од 90-те години па навака да се повлекува, еве го сега до каде е“, вели Борче, жител на Преспа.
Борче смета дека е потребен заеднички ангажман за спас на Езерото на Северна Македонија, Грција и Албанија, како држави кои го делат Преспанско.
„Порано имаше многу снег, многу дождови, а сега ги нема, а истекот на Езерото е ист за Охрид кој што бега, а нема дотур. Ако се ангажираат сите заедно би можеле да го спасат, има лек, ама треба да се сработи. Не мора по примерот на Дојран. Истекот кој бега за Охрид треба да се регулира. Со помал истек ќе се враќа Езерото“, вели Борче.
Професорот од техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, вели дека ако продолжи сегашниот тренд на намалување на нивото може да се случи за 60 години од сега, 90 отсто од неговата површина да пресуши и да останат само четири поголеми јами. Најголемата и најдлабока би била 30 метри длабока на влезот на Нивичкиот залив во Грција. Останатите четири би биле на македонска територија со длабочина од 10 метри. Ако некогаш површината на Езерото била 284 квадратни километри, сега е само 259 километри квадратни.
„Треба да се разговара со Грција одново да ја воспостави комуникацијата меѓу Малото и Големото Преспанско Езеро, бидејќи со табли и затворачи на излезот од Мала Преспа е спречен дотокот на вода во Големото Преспанско езеро. Грција го задржува нивото на Мала Преспа, на сметка на Голема Преспа која се намалува“, објаснува Трајковски.
Со враќање на водата во Езерото ќе се врати и туризмот во Преспа.
„Кога ќе има вода ќе има и туристи. Ќе се развие и туризмот“, вели Богдан.
„13000-15000 луѓе имаше само во една смена во Крани, а сега каде се. Претор, Крани страшно добро беше. Цел свет овде беше кај нас“, додава Борче.
Сега најголем дел од некогаш надалеку познатите одморалишта и хотели се целосно запуштени, а инвестициите во туризмот се бројат на прсти.
Facebook Forum