Неодамна, државниот секретар Марко Рубио објави во изјава дека белоруската влада се согласила да ослободи тројца политички затвореници – Андреј Кузнечик, новинар во белорускиот сервис на РСЕ и 56-годишниот американски државјанин Николај Шугаев.
По ослободувањето, Претставник на Стејт департментот Кристофер Смит рече дека САД работат на ослободување на повеќе затвореници.
Но, Кенет Јаловиц, поранешен амбасадор на САД за Белорусија, не е оптимист дека ослободувањето е дел од каква било голема промена во белоруската политика.
„На хуманитарен план, многу е добредојдено да се видат сите политички затвореници ослободени од белоруските затвори – тоа е чекор напред. Но, во Белорусија остануваат повеќе од илјада политички затвореници. Основната авторитарна диктатура останува многу цврсто на своето место“, вели Јаловиц.
Јаловиц вели дека одлуките на авторитарниот лидер на Белорусија, претседателот Александар Лукашенко, се поврзани со ситуацијата во Украина. Тој смета дека Белорусија реагира на можноста за крај на војната во Украина и затоплување на американско-руските односи.
Извештајот во Њујорк тајмс сугерира дека претставниците на администрацијата на Трамп се отворени за договор поврзувајќи го ослободувањето на затворениците со олеснување на американските санкции наметнати на Белорусија заради кршење на човековите права.
Белорускиот политички аналитичар Вадим Мојеико вели дека договорот меѓу САД и Белорусија одговара на логиката на политиката на санкции.
„Верувам дека тоа е јасна илустрација за тоа како функционираат санкциите. Ако Минск е подготвен да направи отстапки, да ги ослободи политичките затвореници во замена за олеснување на санкциите - тоа е резултат на успешен притисок“, вели Мојеико.
Историчарот и политички аналитичар Александар Фридман се согласува дека санкциите функционирале, но исто така се сомнева дека каков било договор со САД би можел да ја приближи Белорусија до Западот.
„Лукашенко воопшто не би бил против договор со САД. Но, секако дека има руски фактор - дури и ако Лукашенко сака да се договори со САД, дали Русија ќе му дозволи да го направи тоа?“, вели Фридман.
Белоруската новинарка и поранешна политичка затвореничка Олга Лоико вели дека ги поздравува вестите за ослободување на затворениците, но јасно гледа што би можело да се случи следно.
„Сите знаеме дека Лукашенко е одличен во неисполнувањето на договорите. И на крајот ослободувањето на сите ќе се претвори во не баш на сите, и потоа на никого... И тогаш репресиите ќе продолжат и ништо нема да се промени“, посочува Лоико.
Група нобеловци неодамна апелираа до американскиот претседател и лидерите на ЕУ барајќи од нив да преземат „итна и решителна акција“ за ослободување на сите политички затвореници во Белорусија.
Facebook Forum