Линкови за пристапност

Руската платеничка група Вагнер е активна и по смртта на нејзиниот лидер


Руската платеничка група Вагнер е активна и по смртта на нејзиниот лидер
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Руската платеничка група Вагнер останува активна, дури и по смртта на нејзиниот лидер Евгениј Пригожин во август 2023 година. Руски експерти велат дека групата се приближила до структурите на моќ во Кремљ и сè уште се бори за унапредување на интересите на Москва низ светот. Известува Метју Купфер

До неговата смрт во август 2023 година, Евгениј Пригожин беше лидер и лицето на платеничката група Вагнер. Во 2014 година, групата почна да испраќа илјадници платеници да се борат за интересите на Русија во Украина и на Блискиот Исток.

„Видовме многу блиска соработка со Министерството за одбрана и другите руски институции на места како Украина во 2014 година и во Сирија“, објаснува Џон Лехнер, новинар и истражувач.

Групата започна да работи и во Африка. До крајот на 2019 година, Вагнер имаше канцеларии во 20 африкански земји. Почнаа да се појавуваат тврдења дека Вагнер е одговорен за воени злосторства и убиства на африкански цивили.

„Но, штом стигнавме до овие места во субсахарска Африка, тука навистина немаше многу руско државно присуство освен структурите на Евгениј Пригожин. Пригожин и Вагнер во голема мера го креираа она што беа национални интереси на Русија во Африка во овие места“, додава Лехнер.

Но, во јуни 2023 година, односите на Пригожин со Кремљ завршија откако тој водеше краток бунт против руските власти. Само два месеци подоцна, тој загина во авионска несреќа. Некои аналитичари веруваат дека тој бил убиен.

Оттогаш, Кремљ ја интегрираше групата Вагнер во руската војска.

„Во текот на минатата година и пол видовме како империјата на Пригожин се распадна во различни структури. Некој отиде во Министерството за одбрана. Друг отиде во Национална руска гарда. Некој отиде во чеченските специјални сили Ахмат, а некој на сосема друго место”, вели Илја Барабанов, руски новинар.

Украинската аналитичарка Марија Кучеренко вели дека промените укажуваат на улогата на военото разузнавање на Русија во Вагнер, познато по кратенката ГРУ.

„Од самиот почеток до сега беше под команда на ГРУ и всушност ништо не се промени кога станува збор за главната структура одговорна за постоењето и за активноста на оваа група”, посочува Кучеренко од фондацијата „Врати се жив“.

Вагнер веќе официјално не се бори во Украина, туку тоа го прават поранешните платеници. Тој конфликт може да ја одреди идната улога на руските платеници во странство.

„Руската влада ќе има огромни човечки ресурси на ветерани кои се бореле во оваа војна и тие веројатно ќе можат да се користат во други, далечни конфликти“, додава Барабанов.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG