Линкови за пристапност

Русија пренесува нафта со застарени танкери, опасни за животната средина


Русија пренесува нафта со застарени танкери, опасни за животната средина
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00

Русија пренесува нафта со застарени танкери, опасни за животната средина. Нов извештај од Киевската школа за економија предупредува за опасност од излевање нафта - и ја повикува меѓународната заедница да ги спречи танкерите од натамошно оперирање. Известува Хенри Риџвел.

Во Балтичкото Море кај Германија минатиот месец, активисти од еколошката група Гринпис го бркаа „Галеб“ - застарен танкер што превезуваше руска сирова нафта за Индија.

„Она што е навистина опасно е што овој товарен брод е стар 21 година и очигледно е во лоша состојба. Честопати овие танкери се исто така слабо осигурани, па ако нешто се случи, тогаш на крајот сите треба да платиме за тоа бидејќи осигурувањето не го покрива“, вели Тило Мацк, член на Гринпис.

Групата индустриски развиени земји Г7 - заедно со Австралија и Европската унија - воведе ограничување на цената на руската нафта од 60 долари за барел во декември 2022 година, како одговор на војната на Москва против Украина.

Секој брод што користи западни услуги, како осигурување и сервисирање, мора да се придржува на ограничувањето на цената.

Русија одговори со изградба на таканаречена „флота во сенка“ - застарени танкери без врски со Запад - овозможувајќи ѝ да продава нафта низ целиот свет, а голем дел од неа на Кина и Индија. Според проценките, големината на флотата е близу 600 бродови.

Западните земји воведоа санкции за бродските компании или за поединечни бродови. Но, извештајот на Киевската школа за економија објавен овој месец вели дека флотата во сенка расте - и сега пренесува до 70% од руската нафта по воден пат.

„Русија, исто така, регистрираше овие бродови во нејасни јурисдикции каде што постои сомневање дека техничките стандарди се ниски. Осигурувањето што Русија го обезбедила се верува дека е несоодветно, што значи дека нема да може да го исплати во случај на инцидент. И веќе имавме неколку алармантни повици. Засега нема големо истекување нафта, но навистина е само прашање на време кога тоа ќе се случи“, објаснува Бенџамин Хилгенсток од Киевската школа за економија.

Крајбрежните држави изразија загриженост за безбедноста во врска со излевањето на нафта.

„Предизвикот за крајбрежните држави, како Данска, Шведска и други, е што тие имаат многу ограничени права да интервенираат кај бродовите што минуваат низ нивните води според постојното меѓународно поморско право“, додава Хилгенсток.

Наместо тоа, западните земји треба да ги користат прописите за осигурување за да се справат со флотата во сенка, вели Хилгенсток.

„Најпрво, да се генерира транспарентност во однос на ова осигурување од истекување на нафта, бидејќи во моментов знаеме многу малку за него. Ако бродот одбие да ги даде овие информации или ако не е соодветно осигуран, тогаш треба да биде санкциониран и во основа отстранет од комерцијалните операции“, додава Хилгенсток.

Британија овој месец воведе санкции за дополнителни 18 танкери на „флотата во сенка“, со што вкупниот број на санкционирани бродови достигна 43.

Кремљ рече дека потегот покажува оти - со негови зборови - статусот на Русија како „сигурен снабдувач на енергија“ не му одговара на Лондон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG