Московскиот суд денес го продолжи за три месеци притворот на затворениот американски новинар Иван Гершкович.
Тој сега ќе остане зад решетки под обвинение за шпионажа барем до крајот на ноември, објави руската државна новинска агенција Тас.
Новинарот на „ Вол Стрит Џурнал“ беше приведен на крајот на март додека беше на задача во рускиот град Екатеринбург.
Москва го обвини за шпионирање, што тој, неговиот работодавец и американската влада жестоко го негираат.
Стејт департментот вели дека е незаконски притворен.
Гершкович е првиот американски репортер кој е приведен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна.
Гершкович (31) денес пристигна во московскиот суд со бело затворско комбе и беше изведен со лисици.
Тој се појави на суд за да го слушне резултатот од барањето на обвинителството за продолжување на неговиот притвор од 30 август.
Ова е вторпат притворот да му се продолжува и двата пати по три месеци.
На новинарите не им беше дозволено да бидат сведоци на постапката денес во судот.
Тас рече дека тоа се случило зад затворени врати поради доверливата природа на некои детали во случајот.
Денес, „Вол Стрит Џурнал“ во соопштението рече:
„Денес, нашиот колега и угледен новинар Иван Гершкович се појави на предистражно рочиште каде што повторно му беше продолжен притворот. Длабоко сме разочарани што тој продолжува да биде произволно и незаконски притворен затоа што ја врши својата работа како новинар. Неоснованите обвинувања против него се категорично лажни и ние продолжуваме да се залагаме за негово итно ослободување. Новинарството не е криминал“.