Администрацијата на претседателот Џо Бајден денес објави нови санкции против Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) и Разузнавачката група на Иранската револуционерна гарда за нивната улога во незаконското приведување Американци во странство.
„Овие актери во Русија и во Иран се обидоа да ги искористат Американците за политичка моќ или да бараат отстапки од САД“, рече еден од двајцата високи претставници на администрацијата на брифинг со новинарите во Белата куќа.
Покрај двата ентитета, воведени се санкции и за четири клучни фигури во Разузнавачката организација на Иранската револуционерна гарда, за кои, претставникот на администрацијата рече дека биле вклучени во „апсење, истрага и приведување на американски државјани погрешно приведени во Русија“.
Официјалниот претставник на администрацијата на Бајден додаде дека Разузнавачката организација на Иранската револуционерна гарда „често држи и испрашува затвореници, вклучително и најмалку еден незаконски притворен американски државјанин во затвор во Техеран што има „долга историја на кршење на човековите права, вклучувајќи опширни извештаи за тортура“.
Санкциите се први што беа воведени според извршна наредба што претседателот Џо Бајден ја потпиша минатиот јули. Се очекува да бидат објавени повеќе санкции.
Некои експерти се скептични дека овие санкции ќе помогнат да се олесни ослободувањето на Американците.
Во минатото, само американското прифаќање на размена на затвореници, или во случајот со Иран, ослободувањето на нивните имоти, ќе ги промени нивните политики за притворените Американци, рече Џејкоб Киркегард, виш соработник во Германскиот маршалов фонд.
Најмалку двајца Американци сè уште се притворени во Русија - новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Иван Гершкович, затворен од март, и Пол Вилан, извршен директор за корпоративно обезбедување затворен без основа од 2018 година.
Неколку Американци, исто така, беа ослободени минатата година со размена на затвореници, а најпозната беше кошаркарската ѕвезда Бритни Грајнер.