Лин Трејси, амбасадорката на САД во Русија, рече дека го посетила затворениот новинар на „Вол Стрит Џурнал“ Иван Гершкович во Москва и оти го нашла расположен. Русија го обвини Гершкович за шпионажа.
„Ова е првпат да имаме конзуларен пристап до Иван по неговото погрешно притворање пред повеќе од две недели“, рече Трејси во кратката изјава на руски на Телеграм. „Тој се чувствува добро и се држи. Го повторуваме нашиот повик за итно ослободување на Иван“.
Гершкович беше уапсен минатиот месец на 1.800 километри источно од Москва, додека известувал. Русија тврди, без да прикаже докази, дека тој бил фатен „на дело“ додека шпионирал, собирајќи, како што тврди, државни тајни за воено индустриски комплекс.
Неговиот весник и американската влада го отфрлија обвинението за шпионажа, кое, доколку биде осуден, носи казна затвор до 20 години.
Претседателот на САД Џо Бајден го нарече притворот на новинарот „целосно незаконски“ и му кажа на семејството дека работи за ослободување на Гершкович. САД официјално објавија дека Гершкович е „погрешно приведен“ и дека е држен како заложник.
САД во неколку наврати им порачаа на своите граѓани да ја напуштат Русија поради ризик од произволно апсење.