Линкови за пристапност

Зеленски вели дека е можно да се поправат односите со САД


Украинскиот претседател Володимир Зеленски слуша за време на состанокот со членовите на медиумите во предградие на Лондон, Велика Британија, 2 март 2025 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски слуша за време на состанокот со членовите на медиумите во предградие на Лондон, Велика Британија, 2 март 2025 година.

По средбата во Белата куќа во петокот, претседателот на Украина Володимир Зеленски изразува оптимизам за потпишување договор за минерали. Во меѓувреме, Европа ветува обновена поддршка за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека неговата земја останува подготвена да потпише договор за минерали за ретки земји со САД, и дека верува дека може да ги спаси односите со американскиот претседател Доналд Трамп.

Зборувајќи пред новинарите по собирот на европските лидери во Велика Британија, Зеленски рече дека мисли оти САД исто така ќе бидат подготвени да го потпишат договорот за минерали, но можеби „ќе треба време да анализираат некои работи“.

Двете страни се очекуваше да потпишат договор минатата недела за време на посетата на Зеленски на Белата куќа, но обидот пропадна по жестоките вербални размени за време на средбата со Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс.

Зеленски вчера рече дека Украина смета на помошта на САД во нејзината борба против руската инвазија која трае три години.

„Мислам дека прекинот на таквата помош само ќе му помогне на (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски. „И поради тоа, мислам дека САД и претставниците на цивилизираниот свет, лидерите на овој свет, дефинитивно нема да му помогнат на Путин“.

Трамп го оцени Зеленски како неблагодарен за време на средбата во петокот, а бара договор за минерали како начин Украина да им надомести на САД за дадената помош од милијарди долари.

Лидерите од Велика Британија и од Европската унија присуствуваат на самит со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на кој се разговара за европската безбедност и Украина, во Ланкастер Хаус во Лондон, Велика Британија, 2 март 2025 година.
Лидерите од Велика Британија и од Европската унија присуствуваат на самит со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на кој се разговара за европската безбедност и Украина, во Ланкастер Хаус во Лондон, Велика Британија, 2 март 2025 година.

Трамп ја промовираше потребата да се стави крај на војната и имаше телефонски разговор со Путин, покрај високите американски претставници кои се состанаа со руските претставници во Саудиска Арабија на разговори за потенцијален мировен договор, разговори во кои немаше учество на украински претставници.

„Треба помалку време да трошиме време грижејќи се за Путин, а повеќе време да се грижиме за мигрантските банди кои силуваат, се нарко босови, убијви, и луѓето од менталните институции кои влегуваат во нашата земја – за да не завршиме како Европа!“, објави Трамп вчера на неговата платформа „Truth Social“.

Тоа следи по разговорите во Лондон, за време на кои британскиот премиер Кир Стармер им кажа на 18 сојузници дека со оглед на тоа што САД се колебаат во својата поддршка за Украина, Европа се наоѓа себеси „на крстопат во историјата“.

„Ова не е момент за повеќе разговори – време е да се дејствува. Време е да се засилиме и да водиме и да се обединиме околу нов план за праведен и траен мир“, рече Стармер.

Британскиот лидер рече дека без гаранција за вмешаност на САД да дејствува како поддршка за потенцијалните мировни сили, „Европа мора да го направи најтешкиот дел од задачата“ во обезбедувањето мир во Украина. Тој рече дека има коалиција од подготвени за помош на одбрана на секое примирје.

Во меѓувреме, советникот за национална безбедност на Трамп, Мајкл Валц, денеска изјави: „Ги поздравуваме Европејците да преземат водство во европската безбедност. Мислам, тоа беше потпора. Тие треба да инвестираат во способноста да го направат тоа. Тие секако покажаа волја“.

Но, Валц рече дека официјалните лица на Белата куќа и понатаму се збунети зошто се распадна договорот за ископување минерали меѓу САД и Украина, велејќи дека на Зеленски „можело да му се остави економска гаранција која би била од корист на Украина, а мислам и на светот, една генерација. Значи, навистина ни е збунувачки зошто дојдовме до такво непријателство“.

Валц во емисијата „State of the Union“ на Си-Ен-Ен вчера изјави: „Тоа што не ни беше јасно е дали тој ја споделува нашата цел да ставиме крај на оваа војна. Не беше јасно дека е подготвен да оди во мир“.

Зеленски денеска рече дека неговата земја „се бори за нормален и безбеден живот што го заслужува“, отфрлајќи ги тврдењата дека ги попречува мировните преговори.

„Украина се бори за... ...праведен и сигурен мир. Сакаме оваа војна да заврши“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „X“, порано позната како „Твитер“.

За разлика од Вашингтон, Зеленски беше срдечно прифатен на самитот од многу европски шефови на држави, заедно со канадскиот премиер Џастин Трудо и шефот на НАТО Марк Руте. Поддржувачите на Зеленски се собраа пред резиденцијата на Стармер за поддршка на Украина.

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предупреди: „Итно мораме да ја вооружиме Европа“ и „да се подготвиме за најлошото“ на континентот.

Полскиот премиер Доналд Туск ги повика САД и Европа „да излезат со ист став“ за да му покажат на рускиот претседател Владимир Путин „дека Западот нема намера да капитулира пред неговата уцена и агресија“.

Покрај учеството на самитот за безбедност, Зеленски се состана со кралот Чарлс на неговиот имот во Сандрингам во Англија.

Стармер, кога првпат го поздрави Зеленски во саботата, откри договор за заем од 2,84 милијарди долари за поддршка на одбранбените капацитети на Украина, кој ќе биде вратен со профитот од имобилизираните суверени руски средства.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска рече дека договорот за финансирање ќе овозможи „продолжување на непријателствата“.

Песков, исто така, рече дека Зеленски не е заинтересиран за мир и дека некој „мора да го натера Зеленски да сака мир“. Ваквиот став следи по во кои Песков рече дека драматичната промена на надворешната политика на САД во Европа кон Русија е во голема мера усогласена со визијата на Москва.

„Новата администрација брзо ги менува сите конфигурации на надворешната политика. Ова во голема мера се совпаѓа со нашата визија“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју за руската државна телевизија, снимено минатата среда.

Не се закажани мировни преговори.

Советникот за национална безбедност на Трамп, Валц, рече дека на крајот Русија и Украина ќе мора да направат преговарачки отстапки за да постигнат мировен договор.

Американскиот државен секретар Марко Рубио исто така ја истакна важноста двете страни да дојдат на преговарачка маса.

„Ние се обидуваме да ставиме крај на војната“, рече Рубио. „Не можете да ставите крај на војната доколку двете страни не седнат на маса, почнувајќи од Русите. И тоа е поентата што ја кажа претседателот“.

„Не ветувам дека е можно“, додаде тој. „Не велам дека тоа е, веројатно, 90%. Велам дека е, веројатно, 0% ако не седнат на преговарачка маса. И колку побрзо сите созреат овде и сфатат дека ова е лоша војна која оди во лоша насока со смрт и уништување и секакви опасности околу неа што може да прераснат во поширок конфликт, колку побрзо луѓето созреат и го сфатат тоа, мислам дека толку поголем напредок ќе можеме да постигнеме“.

Стармер рече дека Велика Британија, Франција и Украина се согласиле да работат на планот за прекин на огнот што ќе им го претстават на САД. Некои европски земји рекоа дека се подготвени да испратат мировни трупи во Украина за да помогнат во спроведувањето на потенцијалниот мировен договор, но имаат потреба од САД да обезбедат резервна воена поддршка за да се спротивстават на Русија во случај Путин да се согласи на прекин на огнот, а потоа да го прекрши или да започне нова инвазија.

Трамп го отфрли испраќањето на таква американска поддршка и рече дека му верува на Путин да го почитува секое решение на војната за кое тој се согласува.

Стармер рече дека не му верува на Путин, но му верува на Трамп.

„Дали му верувам на Доналд Трамп кога вели дека сака траен мир? Одговорот на тоа е: да“, рече тој.

Стармер рече дека има „интензивни дискусии“ за да се добие безбедносна гаранција од САД како една од неколкуте компоненти за траен мир.

„Ако има договор, и ако има прекин на борбите, тогаш тој договор треба да се брани, бидејќи најлош исход е да има привремена пауза, а потоа Путин повторно да дојде“, рече Стармер. „Тоа се случи во минатото, мислам дека е реален ризик, и затоа мораме да се погрижиме ако има договор, тоа да е траен договор, а не привремена пауза“.

Дел од информациите во овој извештај се од Асошиетед прес, Агенцијата Франс-прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG