Линкови за пристапност

Првите западни тенкови почнаа да пристигнуваат во Украина


Канцеларот Олаф Шолц во понеделникот потврди дека Германија веќе испорачала 18 од своите напредни тенкови Леопард 2 на Украина, меѓу најценетите во светот.
Канцеларот Олаф Шолц во понеделникот потврди дека Германија веќе испорачала 18 од своите напредни тенкови Леопард 2 на Украина, меѓу најценетите во светот.

Првите западни тенкови почнаа да пристигнуваат во Украина оваа недела, што поттикна шпекулации дека Киев наскоро може да започне контраофанзива против инвазијата на руските сили. Дали понапредното оружје ќе го сврти бранот на војната во корист на Киев?

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников објави видео на Твитер оваа недела на кое се гледа како тој е во главниот борбен тенк британски Челинџер 2 или МБТ на неидентификувана локација во Украина.

https://twitter.com/oleksiireznikov/status/1640595102119735297

„Задоволство беше да се биде во првиот украински Челинџер 2“, напиша Резинков на Твитер.

„Вакви тенкови, испорачани од Обединетото Кралство, неодамна пристигнаа во нашата земја. Овие фантастични борбени возила наскоро ќе ги започнат своите борбени мисии“, најави Резинков.

Во Украина се испраќаат вкупно 14 тенкови Челинџер 2.

Британскиот министер за одбрана Бен Валас изјави дека не може да шпекулира за каква било претстојна украинска офанзива. „Но, мислам дека не е тајна дека Украина сака да го започне процесот на одвраќање на руските сили во конфликтот.

Очигледно, руските сили речиси и да не прават никаков напредок“, изјави Валас за новинарите.

Германски леопарди

Канцеларот Олаф Шолц во понеделникот потврди дека Германија веќе испорачала 18 од своите напредни тенкови Леопард 2 на Украина, меѓу најценетите во светот. Канада и Норвешка, исто така, испратија неколку од нивните тенкови Леопард 2. Полска, Шпанија, Финска и Холандија, исто така, ветија дека ќе испратат тенкови Леопард, иако вкупните бројки не се потврдени.

Европските команданти велат дека тоа би можело да ја наруши рамнотежата на терен во корист на украинските сили.

„Сега, [украинските сили] се во еден вид одбранбена позиција против повеќе од 300.000 руски борци. Можеби не се најдобро обучените или најдобро опремените борци, но тие се соочуваат со вакво цунами на војници, така што ја одржуваат линијата на фронтот“, изјави за Ројтерс вицеадмирал Ерве Блежан, командант на Мисијата за обука од Европската Унија.

„Кога ќе можат да вклучат подобри тенкови како Леопард, ќе можат да се пробијат и да одат во контранапади. Во моментов, тие се борат за Бахмут. Добро ја вршат работата, но односот на силите не е во нивна корист“, додаде Блежан.

Контраофанзива

Малку е веројатно дека Украина има доволно западни тенкови за да започне голема контраофанзива веднаш, рече Патрик Бури, воен аналитичар од британскиот универзитет Бат. „Колку ги има сега? Можеби помеѓу 30 или 40, со оглед на бројките што беа заложени. Во моментов, веројатно не е доволно. Но, сè уште е прилично значајно“, изјави Бури за Гласот на Америка.

Во интервју за јапонскиот весник „Јумисури“ оваа недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека на неговите сили им треба повеќе западно оружје пред да започнат каква било контраофанзива.

„Чекаме да пристигне муниција од нашите партнери“, рече Зеленски. „Сè уште не можеме да започнеме. Не можеме да ги испратиме нашите храбри војници на линијата на фронтот без тенкови, артилерија и ракети со долг дострел“, рече тој.

Координација

Бури рече дека е клучно новото оружје да се распореди на координиран начин. „Прашањето е дали Украина може да го заштити, употреби и концентрира западното оружје до тој степен, што ќе може да ги пробие подобро подготвените руски линии?

Не се работи само за тенкови. Станува збор за оклопни борбени возила на пешадија. Тие ги придружуваат тенковите. Станува збор и за артилериска муниција- куршумите што им се потребни за пушките.

„Ако го споите целиот пакет заедно за да постигнете пробив во комбинираното оружје, можен е успех.“, рече Бури.

Со пролетното затоплување брзо се менуваат условите долж линијата на фронтот. Пролетното затоплување ќе ги претвори замрзнатите полиња во мочуришта. „Тоа само ги отежнува движењата и маневрирањето. Тоа фаворизира еден вид стагнација или недостаток на офанзивна акција на отворено - големи маневри низ градовите. Урбаните борби, се разбира, можат да продолжат“, рече Бури.

Западните земји ветија уште десетици тенкови и друго тешко оружје во наредните месеци. САД испраќаат 31 Абрамс, иако тие не се очекува да пристигнат во Украина до крајот на годината.

Словачка оваа недела ѝ испрати на Украина четири борбени авиони МиГ-29 од советската ера, а ќе следат уште девет.

Полска, исто така, планира да испрати неколку МиГ-29.

Украинските барања за борбени авиони Ф-16 од американско производство остануваат неодговорени.

За моралот на фронтот

Британското разузнавање во четвртокот објави дека Москва е подготвена да започне уште една акција за регрутирање за дополнителни 400.000 војници. Бидејќи двете страни се подготвуваат за долга војна, секој пробив на бојното поле најверојатно ќе биде ограничен, рече аналитичарот Бури за Гласот на Америка.

„Колку [Русите] ќе бидат подготвени? Тие ќе бидат многу поподготвени отколку што беа во Харков минатата година, кога Украинците имаа огромен пробив на терен“, рече тој.

Неизвесен ќе биде моралот и кохезијата, бидејќи сè уште треба да имате волја да се борите. Околу тоа има знак прашалник за Русите. Дефинитивно, ја нема таа колебливост меѓу Украинците. Тоа може да се покаже одлучувачко“, оцени Бури.

XS
SM
MD
LG