Линкови за пристапност

Кулеба : Доколку Русија не беше зафатена во Украина, ќе беше поактивна во сеењето нестабилност на Балканот


„Силно ја осудуваме руската воена агресија врз Украина… Оваа војна, исто така, ги поткопува безбедноста и стабилноста во Европа и претставува сериозен напад врз меѓународниот поредок. Ја изразуваме нашата одлучна поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина... Таа има инхерентно право на самоодбрана за да ја обезбеди сопствената независност и суверенитет и право самостојно да ги избере сопствени безбедносни аранжмани“, ова е дел од текстот од заедничката декларација што произлезе од состанокот на Јадранската повелба, формат познат како А5.

Денеска во Скопје, шефовите на дипломатиите на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и претставниците на САД, Хрватска и Црна Гора ја потврдија осудата за руската агресија, но и поддршката за Украина да се одбрани. На средбата на оваа иницијатива, која пред 20 година стартуваше под покровителство на САД како пат за забрзување на приемот на балканските земји во НАТО, видео-обраќање имаше и министерот за надворешни работи на Украина. „Русија да не беше зафатена со Украина, ќе се свртеше кон Баканот“ – предупреди Кулеба.

Состанок на Јадранската повелба „А5“ во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:35 0:00

„Иднината на евроатлантската безбедност се решава на бојното поле во Украина. Со години Русија се обидуваше да ги дестабилизра балканските земји преку сајбер-напади, закани, па дури и обид за воен удар. А, Украина отсекогаш ги поддржуваше балканската стабилност и демократија. Би се осмелил да кажам дека доколку Русија не беше зафатена во Украина, ќе беше поактивна во сеењето нестабилност на Балканот“, рече министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Земјава, која претседава со Јадранската повелба, иницира нов стратешки концепт за А5. Главна причина за таквиот потег се променетите геополитички односи по нападот на Русија врз Украина. Регионот и дел од членките на повелбата, вклучувајќи ја и Македонија, досега донирале воена опрема вредна повеќе од 200 милиони долари. Москва, неколкупати реагираше зошто земјава праќа воена асистенција за Украина.

„Руската федерација ги има прекршено насилно, неоправдано основните принципи на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. Тоа се принципите на европската безбедносна архитектура кои го одржуваат мирот во Европа во последните 75 години, тоа се принципите кои го одржуваат мирот во нашата држава. Нашите граѓани уживаат мир затоа што после Втората светска војна е воспоставен меѓународен правен ред и поредок кој спречува државите да ги нападнат соседните држави. Оттука нашиот став не е кон рускиот народ, кон Русија туку агресивното однесување на руската федерација и на власта кое го загрозува светскиот мир преку рушење на тие основни принципи на кои се темели мирот во светот, посебно во Европа, па и во Северна Македонија. Оттука ние не можеме да останеме неутрални“, рече Бујар Османи.

Утре, на владина седница ќе се решава по барањето на Украина да и се донираат 12 борбени хеликоптери МИ-24. Генералштабот, во својата анализа, веќе даде позитивно мислење дека овие летала, кои неколку години не се во употреба, не и требаат на армијата и дека тие може да му се донираат на Киев.

XS
SM
MD
LG