Во предградијата на Најроби, жителите како Јеротич Сеи размислуваат за нивниот следен чекор да ја запрат, како што велат, нелегалната градба на нивниот имот.
„Сега страдаме поради неплански проекти. Немате канализација, пошироки патишта, противпожарни станици, доволно училишта, болници; а сè што правите е само градење објекти без потребното планирање“, вели Јеротич Сеи, активистка за социјална правда.
Килимани е една од областите каде што жителите се изјаснуваат против изградбата на висококатници.
Архитектот Алфред Омења ја предводи консултантската компанија за урбан развој, Eco-Build Africa.
„Многу згради што ги гледаме наоколу дури и не ги исполнуваат барањата за контрола на развојот на градските власти, а тие се всушност одобрени во градското Собрание. Градското собрание беше епицентар на корупцијата со години“, додава Омења.
Јеротич тврди дека кинеските фирми користат коруптивни практики за да ги заобиколат правните процедури.
„Упатувам повик до здружението на кинеските архитекти и инвеститори. И тие се соучесници. Тие ја разбраа склоноста и апетитот за корупција што ги наоѓате во оваа земја“, вели Јеротич.
Градските власти го одбија барањето на Гласот на Америка за коментар, а кинеските градежници не одговорија на барањето на Гласот на Америка за реакција за тврдењата.
Сепак, економистот Ексен Ираки вели дека кинеските изведувачи донесоа ефикасност во градежната индустрија.
„Нека има конкуренција. Мислам дека тоа ќе ја подигне кениската градежна индустрија и кениската експертиза ќе научи нешто. На долг рок, корисниците ќе имаат корист затоа што ако нема конкуренција, ќе работиме лошо, нема да бидеме ефикасни“, смета Ираки.
Кенискиот устав бара вклучување на граѓаните во одлуките за управување за прашања што ги засегаат.
„Со оглед на тоа што законот детално предвидува учеството на јавноста имаме соодветна законска регулатива околу тоа. Но, сè уште имаме владини претставници кои повикуваат на учество на јавноста, кога веќе донеле одлука. Значи, тоа го прават формално“, вели Хенри Oчиенг од Асоцијација на граѓанските иницијативи.
Обилните дождови и смртоносните поплави во Кенија од неодамна ги влошуваат предизвиците предизвикани од непланската изградба, вели Омења.
„Додека имате високи згради, особено во овие области каде што гледаме градежни зафати на еден хектар, целиот простор ќе биде бетон. Каде ќе оди водата?“, прашува Омења.
Светската банка проектира дека 70% од глобалното население ќе живее во градови до 2050 година, а експертите велат дека планирањето ќе биде клучно за големи градови како Најроби.
Facebook Forum