Линкови за пристапност

Предлогот за прекин на огнот во Газа е силен, рече Линда Томас-Гринфилд


Aмбасадорката на САД во ОН рече дека предлогот предвидува подолга хуманитарна пауза отколку во ноември, што ќе даде можност да се извлечат повеќе заложници и хуманитарна помош
Aмбасадорката на САД во ОН рече дека предлогот предвидува подолга хуманитарна пауза отколку во ноември, што ќе даде можност да се извлечат повеќе заложници и хуманитарна помош

Во услови на меѓународен притисок за нов, привремен прекин на огнот во појасот Газа, израелските сили извршија воздушни напади во северниот и јужниот дел на Газа.

Во израелските напади беше вклучен и градот Газа, каде војската соопшти дека убила и 15 милитанти за време на копнените операции.

Во Кан Јунис, главниот град во јужниот дел на Газа, очевидци известија за тешки борби покрај бројните воздушни напади.

Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека бројот на луѓе убиени во контраофанзивата на Израел се искачил на 26.900, бројка што вклучува и цивили и милитанти.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, се очекува да отпатува во Каиро за да разговара за предлогот за прекин на огнот, кој ќе вклучува и запирање на борбите во Газа и ослободување на заложниците што ги држи Хамас.

Ханије вчера рече дека Хамас го проучува планот за прекин на огнот и го нагласи долгогодишното барање на милитантите за постојан прекин на огнот и повлекување на израелската војска од Газа.

„Приоритет е ставање крај на неправедната агресија врз Газа и целосно повлекување на окупациските сили“, рече Ханије.

Тој, исто така, рече дека Хамас бара реконструкција на Газа, од која голем дел е срамнета со земја за време на израелската контраофанзива по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој загинаа 1.200 луѓе.

Хамас, исто така, сака укинување на долгогодишната израелска блокада на Газа и ослободување на палестинските затвореници во Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целосното повлекување од Газа нема да се случи додека Израел не ги постигне сите свои цели.

Нетанјаху вети дека ќе го елиминира Хамас за да се осигура дека не може да изврши идни напади против Израел.

„Нема да ја повлечеме израелската војска од појасот Газа и нема да ослободиме илјадници терористи“, рече Нетанјаху.

Изгледите за можен нов договор произлезе од разговорите во Париз меѓу американските, израелските, катарските и египетските власти.

„Како што вчера истакна секретарот Блинкен, предлогот на маса е силен и убедлив“, изјави за новинарите во вторникот амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд.

„Предвидува подолга хуманитарна пауза отколку што видовме во ноември, што ќе даде можност да се извлечат повеќе заложници и спасувачка хуманитарна помош во храна за гладните деца, лекови за постарите жени во неволја, засолниште за семејствата кои беа раселени повеќепати“.

Повеќе од 100 заложници беа ослободени за време на еднонеделниот ноемвриски прекин на огнот во замена за 240 Палестинци затворени од Израел.

Се верува дека Хамас сè уште држи уште околу 100 заложници.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG