Линкови за пристапност

САД се залагаат за пауза во Газа, Израел претрпе најголема загуба на војници


Израел вели дека целите на војната против палестинското движење Хамас, кое раководи со Газа, се непроменети и дека се прават напори да се ослободaт повеќе од 100 заложници
Израел вели дека целите на војната против палестинското движење Хамас, кое раководи со Газа, се непроменети и дека се прават напори да се ослободaт повеќе од 100 заложници

Белата куќа денес соопшти дека нејзиниот претставник води активни дискусии да се обезбеди ослободување на заложниците во Газа и обезбедување хуманитарна пауза во војната, откако Израел претрпе полоша загуба на војници во повеќе од три месеци конфликт.

Неколку часа откако беше јасен билансот од 24 загинати во два одвоени инцидента, официјалните лица во Израел повторија дека целите на војната против палестинското движење Хамас, кое раководи со Газа, се непроменети и дека се прават напори да се ослободaт повеќе од 100 заложници.

Признавајќи дека понеделникот бил еден од најтешките денови од почетокот на војната, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече: „Во името на нашите херои, за доброто на нашите животи, нема да престанеме да се бориме до апсолутна победа“.

Портпаролот на израелската влада Ејлон Леви, рече дека нема да има прекин на огнот што ќе го остави Хамас на власт и заложници во Газа, по прекуграничното дивеење на милитантната група на 7 октомври во кое беа убиени околу 1.200 Израелци.

Палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 195 Палестинци биле убиени во изминатите 24 часа, со што документираниот биланс на загинати од израелските воздушни напади и гранатирање се искачи на 25.490.

Се стравува дека уште илјадници се изгубени во урнатините.

Смртта на војниците дојде на денот кога израелската војска ја започна својата најголема операција за еден месец, за заземање на преостанатите делови од Кан Јунис, опколувајќи го главниот јужен град во Газа, кој засолнува стотици илјади раселени Палестинци.

Израелските сили убиле повеќе од 100 милитанти во западниот дел на Кан Јунис во изминатите 24 часа, изјави вчера воениот портпарол контраадмирал Даниел Хагари.

Израел соопшти дека убиле вкупно околу 9.000 милитанти. Ројтерс не може да го потврди бројот.

XS
SM
MD
LG