Линкови за пристапност

Цивилите во Газа мора да бидат заштитени, повикаа САД


САД, кои беа клучен израелски сојузник во нивната војна против Хамас, го осудија последниот напад на објект на ОН во кој загинаа цивили
САД, кои беа клучен израелски сојузник во нивната војна против Хамас, го осудија последниот напад на објект на ОН во кој загинаа цивили

Висок официјален претставник на ОН повика да се преземе „секоја мерка“ за заштита на цивилите, по најмалку 12 загинати при гранатирање на центар на ОН во кој се сместени илјадници раселени Палестинци.

Томас Вајт, директор за прашања на Газа при ОН, рече дека ситуацијата во Кан Јунис, јужниот град во Газа каде се случи нападот, покажува „конзистентен неуспех да се почитуваат основните принципи на хуманитарното право“.

„Постојаните напади на цивилни локации во Кан Јунис се крајно неприфатливи и мора веднаш да престанат“, рече Вајт.

Вајт рече дека во нападот вчера биле повредени и најмалку 75 лица.

Израелската војска соопшти дека не верува дека гранатирањето дошло од нејзините сили, но рече дека ситуацијата е под истрага.

Исто така, се вели дека пошироката област Кан Јунис била значајна база за милитантите на Хамас.

САД, кои беа клучен израелски сојузник во нивната војна против Хамас, го осудија последниот напад во кој загинаа цивили, при што Стејт департментот рече:

„Го жалиме денешниот напад врз тренинг центарот на ОН Кан Јунис“, рече портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател.

„Сте ме слушнале како го кажувам тоа порано, сте го слушнале (државниот секретар Ентони Блинкен) да го каже тоа претходно, но цивилите мора да бидат заштитени, а заштитената природа на објектите на ОН мора да се почитува. Хуманитарните работници мора да бидат заштитени за да можат да продолжат да им обезбедуваат на цивилите хуманитарна помош што им е потребна за спасување на животи“.

ОН велат дека комплексот бил јасно означен како нивен објект, а неговите координати биле споделени со израелските власти.

Во меѓувреме, продолжуваат разговорите за нов 30-дневен прекин на огнот за време на кој израелските заложници држени од Хамас и палестинските затвореници кои ги држеше Израел ќе бидат ослободени и повеќе помош ќе влезе во Газа.

Специјалниот претставник на САД Брет Мекгурк беше во Доха, Катар, за да разговара за можноста за прекин на борбите.

Еднонеделното примирје на крајот на ноември доведе до ослободување на околу 100 израелски заложници и 240 Палестинци од израелскиот притвор.

Војната започна на 7 октомври со нападот на Хамас врз јужен Израел во кој загинаа околу 1.200 луѓе. Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 25.700 луѓе, според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс- прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG