Гласачите во Невада не одлучуваат само меѓу Доналд Трамп и Камала Харис за претседател. Тие гласаат и за прашањето 6. Лора Кембел оди од врата до врата, кажувајќи им на луѓето зошто мисли дека гласањето за заштита на абортусот е многу важно.
„Пристапот до абортус всушност ми го спаси животот повеќе од еднаш, и мислам дека е важно откако „Роу против Вејд“ беше укинат, државата да не` заштити“, вели Кембел од Националната организација на жените од Невада.
Но, на прославата на годишнината на оваа религиозна непрофитна организација која обезбедува алтернативи за абортус - луѓето како Дебора Костело се загрижени дека прашањето 6 ќе помине.
„Борбата може да изгледа тешка. Милиони и милиони долари во нашата држава ја поддржуваат индустријата за абортус“, вели Дебора Костело.
Жителите на Невада веќе гласаа во 1990 година да се направи абортусот легален до 24 недели.
Но, демократите стравуваат дека второто претседателство на Трамп би можело да ги поништи тие права, иако Трамп вели дека прашањето треба да се остави на секоја сојузна држава да одлучи.
Ако помине ова прашање, постоечките заштитни мерки ќе станат дел од Уставот на државата - што ќе го отежни нивното отстранување.
„Видовме како се губат животи. Дваесет и две држави имаат забрана за абортус. И ние не сакаме тоа да се случи во Невада“, додава Кембел.
Џесика Понс деЛеон прват ќе гласа во САД. Таа планира да гласа „да“ за абортус и за Камала Харис дури и пред Кембел да се појави пред нејзина врата.
„Не мислам дека владата треба да има никаков збор за женските тела. Дефинитивно чувствувам дека жените треба да имаат целосна контрола врз своето тело“, категорична е Де Леон.
Невада е една од десетте сојузни држави оваа изборна година која им дава на гласачите избор да одлучат како и кога абортусот треба да биде легален. Во изминатите изборни години, тоа прашање на гласачкото ливче го зголеми одѕивот на гласачите и им беше од корист на демократските кандидати.
Кристијан Мерш, имигрантка од Бразил која забременила во насилна врска и избрала да го задржи своето бебе, е член на одборот на Невада „Право на живот“.
„Без живот, нема слобода, нема други права. Ако не го почитувате животот, ќе има расизам, трговија со луѓе и јас само чувствувам дека во моментов не вредиме“, вели Мерш.
Иако ова прашање ги мотивира младите гласачи, Емили Костело која првпат ќе гласа, вели дека мислењето може да се смени и оти нема сите млади гласачи да гласаат за демократите.
„Ако можете да видите колку е тоа деструктивно за едно човечко суштество, тоа ќе ви го промени мислењето веднаш, веднаш“, вели Костело.
Истражувањето на национално ниво објавено неодамна од независен извор вели дека се` поголем број жени го наведуваат правото на абортус како нивно главно прашање, откако Камала Харис стана демократска кандидатка за претседател.
Facebook Forum