Индија е оптимист дека врските со Вашингтон ќе се продлабочат за време на администрацијата на Доналд Трамп. Трамп зазеде остра позиција кон Кина за време на кампањата, а Индија е важна противтежа на Пекинг во Индопацификот.
„Всушност, во неговиот прв мандат, прашањето за Кина навистина доби на значење, а дебатата за Кина се пресели на многу поинакво ниво. Мислам дека Индија се надева оти можеби тој ќе се надоврзе на тоа што ќе им овозможи на Индија и на САД да најдат нови начини за соработка“, смета Харш Пент од Фондација за истражување „Обсервер“.
Изборот на Трамп за негов врвен дипломат Марко Рубио, исто така, e познат и по неговиот цврст став кон Кина. Њу Делхи посочи дека, за разлика од другите земји, не е нервозен поради вториот мандат на Трамп.
„Ве потсетувам дека всушност Куад беше оживеан за време на претседателството на Трамп“, изјави Субраманјам Џаишанкар, министер за надворешни работи на Индија.
Куад е партнерство помеѓу САД, Јапонија, Австралија и Индија, што ги зајакна безбедноста и економиските врски за време на Трамп. И Индија ги прошири другите врски за време на првиот мандат на Трамп.
„Огромен прогрес се случи особено во секторите за одбрана и во истражување и развој во тој период“, вели Сваран Синг, професор од Универзитетот „Џавахарлал Нехру“.
Индија се надева дека Трамп ќе заземе помек пристап кон Русија и ќе се заложи за завршување на војната во Украина, што ќе ѝ олесни на Индија во менаџирање на односите со Вашингтон и Москва.
Игнорирајќи ги американските санкции, Њу Делхи продолжи да гради врски и трговија со Москва.
„Тоа би ја направило Индија малку поопуштена поради тоа што Русија не е под таков екстремен притисок да стане екстремно зависна од Кина“, додава Синг.
Сепак, трговската политика на Трамп може да доведе до притисок врз Њу Делхи да ги намали давачките за американскиот увоз.
Тој ја нарече Индија „голем злоупотребувач“ на тарифите и го повлече повластениот трговски статус на Њу Делхи.
„Ќе има преговори и потоа ќе се направат некои компромиси“, смета Чинтамани Махапатра од Институтот за индопацифички студии „Калинга“.
Напорот на Индија за копродукција на одбранбена опрема што се купува од САД, исто така, може да се соочи со проблеми.
„Индија бара, притиска за програма „Направи во Индија“, дека американските одбранбени компании треба да инвестираат во Индија и да произведуваат од Индија со тоа што ќе отворат продавница овде. Така, ќе има одреден спор помеѓу „Направи во Индија“ и „Направи ја Америка повторно одлична“ , како што господинот Трамп повикува да се развие поголем производствен капацитет во САД“, додава Пент.
И покрај оптимизмот, Њу Делхи се подготвува за неочекувани предизвици од лидерот сметан за непредвидлив.
Facebook Forum