Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) усвои две верзии на резолуции за руската војна во Украина - украинска и американска верзија.
За украинската верзија на резолуцијата, која беше направена од Киев и поддржана од земјите на ЕУ, 93 земји гласаа за, 18 гласаа против, а други 65 амбасадори беа воздржани.
Меѓу земјите кои гласаа „против“ се САД, Израел, Унгарија, Русија, Белорусија, Еритреја, Нигер, Мали, Судан и Никарагва.
САД повикуваат на „брз крај на конфликтот и дополнително повикуваат на траен мир меѓу Украина и Руската Федерација“.
Мерката изготвена од САД не ја споменува целосната инвазија на Русија на Украина, која започна пред три години од денес.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во петокот рече дека резолуцијата „ќе потврди дека овој конфликт е ужасен, дека ОН можат да помогнат да се стави крај и дека мирот е можен“.
„Ова е наша можност да изградиме вистинска динамика кон мирот“, рече Рубио во изјавата.
Во пообемната украинска резолуција се вели дека руската инвазија „трае три години и продолжува да има разорни и долготрајни последици не само за Украина, туку и за другите региони и глобалната стабилност“.
Таа повикува на „деескалација, брз прекин на непријателствата и мирно решавање на војната против Украина“ и ја нагласува потребата војната да заврши оваа година.
Украинскиот нацрт вели дека претходните резолуции усвоени од Генералното собрание треба целосно да се применат, вклучително и оние кои бараат Русија целосно да се повлече од меѓународно признаените граници на Украина.
Резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки, но носат морална тежина на меѓународната заедница.
Гласовите доаѓаат со посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на САД, каде ќе разговара со претседателот Доналд Трамп и за војната во Украина.
Макрон минатата недела рече дека планира да му каже на Трамп дека американскиот лидер „не може да биде слаб“ пред рускиот претседател Владимир Путин.
Британскиот премиер Кир Стармер треба да го посети Вашингтон подоцна оваа недела на слични разговори, и како и Макрон ја истакна потребата суверенитетот на Украина да биде во центарот на секој мировен напор.
Група лидери, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, канадскиот премиер Џастин Трудо, данската премиерка Мете Фредериксен и шпанскиот премиер Педро Санчес го посетија Киев во понеделникот во знак на поддршка за Украина.
„Денес сме во Киев, бидејќи Украина е Европа“, рече фон дер Лајен на Икс.
„Во оваа борба за опстанок, не е загрозена само судбината на Украина. Тоа е судбината на Европа“.
Борбите продолжија денес кога Русија соопшти дека соборила 23 украински беспилотни летала во текот на ноќта, вклучително и 16 над регионот Ориол.
Гувернерот Павел Малков изјави дека паѓањето на остатоци од собореното украинско беспилотно летало предизвикало пожар во индустриско претпријатие.
Украинската војска во понеделникот соопшти дека соборила 113 од 185 беспилотни летала што Русија ги користела во нападите во текот на ноќта.
Некои информации во текстот се од АП, Ројтерс и Франс-прес