Линкови за пристапност

Келог и Зеленски разговараа во Киев


Специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија Кит Келог и претседателот на Украина Володимир Зеленски разговараа за време на нивната средба во Киев, Украина, 20 февруари 2025 година
Специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија Кит Келог и претседателот на Украина Володимир Зеленски разговараа за време на нивната средба во Киев, Украина, 20 февруари 2025 година

Американскиот пратеник Кит Келог денес во Киев се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но немаше информации дали тие ги олесниле американско-украинските односи откако американскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски оваа недела разменија критики поради тригодишната војна на Русија против Украина.

Келог по пристигнувањето во украинската престолнина рече дека е таму за да ги ислуша ставовите на Зеленски, откако официјалните лица во Киев го изразија својот гнев поради исклучувањето оваа недела, кога највисоките американски и руски дипломати се состанаа во Саудиска Арабија за да ја постават основата за разговори за ставање крај на борбите.

Откако Келог се сретна со Зеленски, се очекуваше двајцата да одржат прес-конференција, но украинската страна рече дека Американците побарале таа да се откаже..

Американскиот претседател го нарече Зеленски „диктатор без избори“, додека Зеленски го обвини Трамп дека живее во „дезинформациски простор“ под влијание на Русија, кога американскиот лидер посочи дека Украина ја започнала војната.

Токму Москва го нападна својот сосед пред три години следната недела.

Украина стравува дека Трамп се движи кон решавање на војната со услови поповолни за Москва.

Русија во моментов контролира околу една петтина од меѓународно признатата територија на Украина.

Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на собирот на конзервативни активисти во близина на Вашингтон денес изјави дека Трамп „сака да престанат убиствата“ во Украина и дека „мирот е во интерес на американскиот народ“.

Тој по американско-руските разговори во Ријад рече:

„Ние сме на работ на мирот“.

Венс не ја спомна улогата на Украина во решавањето на конфликтот, иако американските власти рекоа дека Киев и Москва ќе бидат вклучени во решението и ќе мора да направат отстапки за да се постигне мир.

Европските лидери одговорија на неодамнешните забелешки на Трамп за Украина со ветување дека ќе ги зголемат трошоците за одбраната, а некои размислуваат за создавање европски мировни сили за земјата поддржани од САД, доколку борбите завршат.

Кремљ вели дека планот е главна причина за загриженост, но Зеленски и НАТО го поздравија.

„Од витално значење е... Русија никогаш повеќе нема да се обиде да заземе уште еден квадратен километар од украинската земја“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте, додавајќи дека мировниот пакт ќе мора да бара силни безбедносни гаранции за Украина.

„Иако има уште многу што треба да се одлучи, нема сомнение дека Европа има витална улога во обезбедувањето мир во Украина“, им рече тој на новинарите во Братислава.

Во низата коментари на неговата платформа „Трут Соушл“ оваа недела, Трамп го обвини Зеленски дека одбил да одржи избори во Украина, кои беа закажани за април 2024 година, но беа одложени по инвазијата на Русија во 2022 година.

Трамп го нарече Зеленски „скромно успешен комичар“ и рече:

„Единственото нешто во кое тој беше добар е да го манипулира [поранешниот американски претседател Џо] Бајден за поголема американска воена помош“.

„Ја сакам Украина“, рече Трамп, „но Зеленски направи ужасна работа, неговата земја е уништена, а МИЛИОНИ непотребно загинаа - и така продолжува“.

Претходно, Трамп ја критикуваше жалбата на Зеленски дека не бил поканет на разговорите во вторник во Ријад на чело со американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Денес слушнав: „Па, не бевме поканети. Па, вие сте таму три години“, рече Трамп за лидерите на Украина.

Поврзано

XS
SM
MD
LG