Специјалниот претставник на САД за Украина и Русија Кит Келог, изјави дека никој не планира да наметне договор за ставање крај на војната на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Одговарајќи на прашања на новинарите во седиштето на НАТО во Брисел на 17 февруари по состанокот со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, американскиот функционер рече:
„Одлуката на Украинците е украинска одлука“, рече Келог, цитиран од АФП. „Зеленски е избран лидер на суверена земја и овие одлуки се негови и никој нема да ги наметне на избран лидер на суверена земја#.
Тој нагласи дека неговите напори се насочени кон постигнување договор кој „ќе обезбеди одржливи безбедносни гаранции дека Украина е суверена држава“.
За вклучувањето на европските сојузници во преговарачкиот процес, Келог истакна дека е невозможно сите да седнат на преговарачка маса.
За време на разговорот со Келог, Руте ја истакна важноста од „праведно и трајно решение на конфликтот“ за да се обезбеди стабилна иднина за Украина, се вели во пораката на веб-страницата на НАТО.
Руте, на Икс, истакна дека американскиот специјален претставник за Украина и Русија „се консултирал со сојузниците за да работат заедно за да се обезбеди праведен и траен мир во Украина“.
„Имаме многу да направиме и тесно ќе работиме заедно за да ја завршиме војната и да обезбедиме одржлива безбедност за сите нас“, напиша Руте на Икс.
Руте, исто така, ги „поздрави првите одговори на сојузниците на повикот на САД за поактивен ангажман“, истакнувајќи дека состанокот во понеделникот обезбедил уште една можност да се „договорат ставовите за тоа како најдобро да се осигура одржлив мир“.
Претходно, Келог објави дека на последниот ден од Минхенската безбедносна конференција, на 16 февруари, се сретнал со лидерите на Данска, Австрија и Финска, како и со ОБСЕ.
Тој на Икс напиша дека „учеството на Европа ќе биде клучно за завршување на војната и зачувување на мирот“.
Понатаму во распоредот на специјалниот претставник на САД за Украина и Русија, предвидени се посети на Полска и Украина.
Извор: Украинска редакција на Глас на Америка
Во текстот има информации од Ројтерс, АФП