Линкови за пристапност

Зеленски: Соработката со САД мора да биде конструктивна


Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Киев, Украина, 19 февруари 2025 година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Киев, Украина, 19 февруари 2025 година

Откако американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше украинскиот лидер вчера, претседателот Володимир Зеленски рече дека се подготвува за средба денес со претставникот на Трамп во Киев за да работи на „траен мир“ со Русија.

„За нас е клучно средбата и нашата севкупна соработка со Америка да бидат конструктивни“, рече Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.

„Заедно со Америка и Европа, мирот може да биде посигурен и тоа е нашата цел“.

Претходно истиот ден, Трамп и Зеленски си разменија зборови, при што американскиот претседател го нарече Зеленски „диктатор без избори“, а Зеленски го обвини Трамп дека живее во „дезинформациски простор“ под влијание на Русија.

Трамп ја искористи својата платформа на социјалните мрежи „Трут соушл“ за да го критикува лидерот во Киев, кој изрази страв дека американскиот лидер се обидува да ја заврши војната со услови поповолни за Москва од Киев.

Трамп го обвини Зеленски дека одбил да одржи избори во Украина, кои беа закажани за април 2024 година, но беа одложени по инвазијата на Русија во 2022 година.

Трамп го нарече Зеленски како „скромно успешен комичар“ кој ги „убеди САД да потрошат 350 милијарди долари, да влезат во војна која не може да се победи, која никогаш не мораше да започне, но војна која тој, без САД и „ТРАМП“, никогаш нема да може да ја реши“.

Американскиот лидер, кој минатата година за време на политичката дебата одби да каже дека сака Украина да ја добие војната, рече дека „единственото нешто во што [Зеленски] бил добар успешно да го манипулира [поранешниот американски претседател Џо] Бајден за поголема воена помош.

„Ја сакам Украина“, рече Трамп, „но Зеленски направи ужасна работа, неговата земја е уништена, а МИЛИОНИ непотребно загинаа – и така продолжува“...

Оценката на Трамп за Зеленски дојде откако украинскиот лидер оваа недела го изрази својот гнев поради исклучувањето на Украина од дипломатските разговори на високо ниво на САД и Русија во вторникот во Саудиска Арабија, каде што двете земји по повеќе од четири часа дискусии соопштија дека се договориле наскоро повторно да се сретнат за тоа како да се стави крај на војната.

Претходно, Трамп во вторникот ја спомна жалбата на Зеленски дека не бил поканет на разговорите во Ријад на чело со американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Денес слушнав: „Па, не бевме поканети. Па, вие сте таму три години“, рече Трамп за лидерите на Украина, кои ги обвини дека ја започнале војната, иако Русија ја нападна Украина.

Во средата, Зеленски рече дека Украина сака да стави крај на војната „од првата секунда. Убеден сум дека ќе ја завршиме и со траен мир“.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека е задоволен од исходот од разговорите во Ријад со САД, но рече дека неговата земја треба да изгради доверба со Вашингтон пред да може да се реши војната.

Путин рече дека дискусиите се „прв чекор“ за подобрување на спорните односи меѓу Москва и Вашингтон.

Но, тој додаде: „Невозможно е да се решат многу прашања, вклучително и украинската криза, без да се зголеми нивото на доверба меѓу Русија и САД“.

Путин во телевизиски изјави рече дека би сакал да одржи самит со американскиот претседател Доналд Трамп, „но тоа треба да се подготви за да донесе резултати“.

Разговорите Рубио-Лавров беа првите значајни дискусии меѓу двете суперсили во повеќе од три години по руската инвазија на Украина и напорите на Западот, предводени од САД, да ги вооружат силите на Киев за да го одвратат нападот.

„Бев информиран [за разговорите]. Ги оценувам високо, има резултати“, рече Путин, цитиран од новинската агенција Интерфакс, во фабрика за дронови во Санкт Петербург.

„Според мене, го направивме првиот чекор за враќање на работата во различни области од заеднички интереси“.

Ниту украински, ниту европски претставници не беа на масата во саудиската палата за разговорите, но САД рекоа дека ќе бидат вклучени во идните преговори за да се обидат да стават крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG