Линкови за пристапност

Рубио пристигна во Саудиска Арабија, Кремљ најави свои учесници за средба со делегација на САД


Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија го прими американскиот државен секретар во седиштето на саудиското Министерство за надворешни работи во Ријад на 17 февруари 2025 година
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија го прими американскиот државен секретар во седиштето на саудиското Министерство за надворешни работи во Ријад на 17 февруари 2025 година

Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Ријад на 17 февруари, каде што тој и другите претставници на администрацијата на претседателот Доналд Трамп планираат да разговараат со руската делегација за крајот на руската војна против Украина.

Преговорите меѓу двете страни би можеле да се одржат веќе на 18 февруари, потврди за Ројтерс портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.

Таа рече дека на средбата од американска страна ќе учествуваат државниот секретар Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и американскиот претставник за Блиски Исток Стив Виткоф.

На 17 февруари, Кремљ објави дека на разговорите ќе учествуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика на претседателот Путин Јуриј Ушаков.

Трамп ги коментираше неговите планови да стави крај на војната, велејќи за медиумите во неделата дека лидерите на двете земји „сакаат да ги прекинат непријателствата“.

„Ние работиме многу на ова“, додаде тој.

Американскиот претседател потврдно одговори на прашање од медиумите во Флорида на 16 февруари за тоа дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде вклучен во преговорите.

Рубио, кој телефонски разговараше со рускиот министер за надворешни работи Лавров на 15 февруари, во неделата на Си-Би-Ес изјави дека завршувањето на војната на Русија против Украина ќе биде тешко и дека процесот ќе бара повеќе од само една средба.

Според него, американскиот претседател настојува да ја заврши војната на таков начин што ќе воспостави траен мир и ќе го заштити украинскиот суверенитет „за да биде траен мир, а не за три или четири години да имаме нова инвазија“.

Највисокиот американски дипломат, меѓу другото, истакна дека рускиот претседател Путин „изразил интерес за мир“, но предупреди дека „следните неколку недели и денови ќе одредат колку е сериозно тоа“.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски, пристигна во Обединетите Арапски Емирати на 16 февруари.

Во коментар за медиумите денес, тој рече дека неговата влада не била поканета на разговори во Саудиска Арабија и истакна дека без учество на украински претставници, преговорите „нема да дадат резултат“.

Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц негираше дека сојузниците не биле вклучени во преговорите.

За ТВ каналот Фокс тој нагласи дека сојузниците се вклучени во преговорите, но ќе ги води американскиот претседател Доналд Трамп.

„Претседателот Трамп го донесе рускиот претседател Путин и веднаш го донесе претседателот Зеленски, и тоа е заедничко за двајцата лидери - и двајцата во директни разговори рекоа дека само претседателот Трамп може да ги доведе на маса [на преговорите]. Само претседателот Трамп може да постигне мир“, рече Волц.

На обвинувањата дека европските сојузници „не биле вмешани“, Волц одговори дека оваа недела американскиот претседател разговарал со францускиот претседател, се наближува посетата на премиерот на Велика Британија, а последните денови потпретседателот на САД, државниот секретар, министерот за одбрана, специјалниот претставник за Украина ја посетија Европа, а секретарот за финансии лично го посети Киев.

„Сите од нив ги вклучија нашите сојузници. Можеби не им се допаѓа одреден редослед на овие преговори. Но, морам да демантирам каква било идеја дека тие не се консултирани“, рече Волц.

Виткоф, во коментар за Фокс њуз, ги отфрли обвинувањата дека другите партии се исклучени од процесот.

„Мислам дека не се работи за исклучување на некого“, рече Виткоф.

„Всушност, се работи за вклучување на сите“.

Американскиот пратеник за Украина и Русија Кит Келог, оваа недела е во посета на Полска и Украина, а денес во Франција се одржува самит на европските лидери за да се стави крај на војната во Украина.

Извор: Украинска редакција на Глас на Америка

Во текстот се користени информации од Ројтерс и АП

XS
SM
MD
LG