Дeниел Хамилтон (Danielle Hamilton), Американка од Њујорк, волонтерка во Мировниот корпус. Taa e дел од десетиците припадници на волонтерскиот мировен корпус кои секоја година им помагаат на локалните заедници во македонските градови и села.
Речиси една година е во Охрид. Нејзин главен ангажман – часови по англиски јазик за лица од различни возрасти, организирани преку охридскиот Црвен крст.
„Работам со овдешниот персонал. Исто така, еднаш неделно, предавам англиски за пензионери. Држам настава и за младински дебатен клуб, со лица на возраст од 15 до 19 години. Исто така, работам и со младински клуб за креативно пишување на англиски јазик“, објаснува Дениел Хамилтон (Danielle Hamilton).
Вели, сака да запознава други култури и луѓе. Така, одлуката да замине илјадници километри од дома и да се приклучи на Мировниот корпус, била сосема логична.
„Моето интересирање секогаш било за политика, историја, за случувањата низ светот. Поради тоа се заинтересирав и за Балканот, за Источна Европа. Во колеџ го изучував рускиот јазик. Тоа ми помогна и кога дојдов во Македонија, така што можев да ги читам знаците, што беше од голема помош. Се интересирав и за патувања. Патував низ многу земји во Европа, но ова е мое прво искуство на живеење во странство. До сега е одлично искуство“, објасни Дениел (Danielle Hamilton).
На еден час возење од Охрид, во еколошкиот преспански регион, го запознавме и Вокер Едвардс, исто така волонтер во Мировниот корпус.
„Во првиот месец се прашував себе си, што ќе правам тука, зошто сум тука, како ќе можам јас да ѝ помогнам на оваа заедница. Во текот на мојата прва зима, бев речиси како изгубен. Но, сега, после една година, работите се полесни, познавам многу луѓе околу Преспа. Сè е многу полесно сега“, објаснува Вокер.
И Вокер е ангажиран како учител по англиски јазик. Го снимавме додека им предаваше на ученици од четврто одделение во едно од училиштата низ Преспа.
„Имам страст за предавање. Сметам дека Мировниот корпус е најдобриот начин да се запознае друга култура и сето ова изгледа како е една многу интересна авантура“, посочува Вокер и додава дека помладите генерации многу се добри со странските јазици.
Покрај тоа што го предаваат англиски, и самите Дениел и Вокер го изучуваат македонскиот јазик.
„Тоа за мене беше многу интересно. Македонскиот јазик го учев преку поезија. Преведував стихови од Ацо Шопов, Кочо Рацин, Блаже Конески. Впрочем и мојата страст е литературата, како поезија, така и романи“, објаснува Вокер.
Часовите некогаш се и доста забавни. Задоволството од присуството на овие двајца волонтери е исклучително високо во заедниците каде што се ангажирани.
„Не само што научивме, туку многу научивме, особено зашто темите се многу интересни и се од нашето секојдневие. Изучуваме американски англиски јазик, но и некои сленгови од Њујорк, бидејќи Дениел ни е од таму. Така што, најдобро би можеле да се снајдеме токму во Њујорк“, вели Љупчо Билкоски од Друштвото на пензионирани лица „Најди време“.
Вокер, е миленик на учениците, но и на наставничкиот кадар.
„Уште од самиот почеток настана еуфорија во училиштето. Секое од децата сакаше да се покаже пред Вокер, во кошарка, фудбал и слично. На часовите по англиски, пак, некои деца што претходно беа срамежливи, на наше големо изненадување, почнаа да зборуваат на англиски. Почнаа да се отвораат многу повеќе кон него“, вели Павел Митревски, наставник по француски јазик и соработник на Вокер.
Мировниот корпус во Северна Македонија е присутен од 1996 година и до сега како волонтери биле ангажирани повеќе од 900 американски граѓани. На нив неодамна им се приклучи и нова група од 36 лица.
„Ви благодарам за посветеноста да ги здружите нашите две земји и да им ги покажете на волонтерите вашата култура и гостопримство“, рече американската амбасадорка Анџела Агелер во рамките на свеченоста по повод давањето заклетва на волонтерите, на 6 декември минатата година во Скопје.
Покрај редовниот ангажман, волонтерите од мировниот корпус се вклопуваат и во секојдневието во заедниците каде што живеат. За Вокер, на пример, преспанските јаболка се откритие.
„Сезоната е готова, но сè уште може да се најде по некое јаболко“, вели Вокер, кој многу често поминува низ овоштарниците, така што и самиот се ангажирал во сезонската берба.
„Навистина, јаболките и медот од Преспа се најдобри. Особено медот, нема хемија и е органски“, објаснува Вокер.
Дениел, пак, вели дека Охрид е најдобриот избор што го добила при распределбата на локациите за волонтирање.
„Гостите што ми доаѓаат на посета во Охрид, сакам да ги водам во стариот дел од градот. Им ги покажувам историските локации, црквите, Античкиот театар, старата порта и сите историски и значајни места што ги нуди градот“, вели Дениел.
Вообичаено ангажманот на волонтерите од Мировниот корпус е околу две години. Според луѓето со коишто тие соработуваат, придонесот од волонтерството е повеќекратен.
„Групата сама предлага, Дениел, покрај со предавањата, да биде дел и од наши дополнителни, теренски активности, како што се нашите бројни едукативни екскурзии“, вели Билкоски од пензионерското друштво.
„Многу е важно кога странскиот јазик го предава некој кому тоа му е мајчин јазик. Така е подобро за децата, а со тоа и ние наставниците добиваме помош. Би предложил и повторно да бараме волонтер од Мировниот корпус и во другото училиште каде што предавам. Мислам дека би било корисно за учениците“, посочува наставникот Митревски.
Дениел и Вокер имаат пред себе уште една година волонтерство. Двајцата веруваат дека ќе заминат со нови искуства, но и со задоволство што создале мост меѓу македонското и американското општество.
„Би рекла се неверојатни и трансформативни релациите што ги воспоставив со луѓето во Охрид. Се надевам дека ќе ги задржам таквите релации и кога ќе заминам, откако ќе заврши мојот ангажман тука. Им ја пренесов и споделив американската култура, како и мојата афро-американска култура. Тоа беше воспримено со голема почит. Така, беше исклучително значајно да се случува такво меѓукултурно споделување и интеракција“, вели Дениел (Danielle Hamilton).
„Ова е трансформација за мене. Како после две години станувам нова личност. Пред само една година, јас не разбирав ништо од Македонија. Сега јас зборувам македонски јазик, имам преспанско јаболко. Неверојатно е колку нештата можат да се сменат толку бргу и како одењето на друго место може целосно да ти го смени животот и да ти ја смени перспективата“, објаснува Вокер.
На крај од разговорите, на Вокер и на Дениел им посакавме успешно да го завршат нивното волонтирање.
Facebook Forum