Новата американска воена база во северна Полска станува клучен дел од ракетниот одбранбен систем на НАТО познат како ЕГИС. Сместена во Реџиково во близина на Балтичкото Море и блиску до рускиот регион Калининград, базата е опремена со проектили и ракети - пресретнувачи.
Тоа има цел да ја штити Алијансата и Европа од закани од балистички ракети.
Капетанот Мајкл Дван, командант на оперативната група на американската морнарица SIX FOUR, која се фокусира на мисии за противракетна одбрана, објасни дека проектилите може да бидат истрелани автономно, не барајќи мануелна интервенција.
„Штом ќе биде откриена закана, нашиот систем е автоматизиран и нуди одговор со избирање на еден од достапните проектили за одбрана“, вели Дван.
Базата, заедно со слична инсталација во Романија, разурнувачите на американската морнарица стационирани во шпанското пристаниште Рота и радарот за рано предупредување во Турција, претставува витален дел од противракетниот одбранбен штит на НАТО наменети да се спротивстави на заканите од балистички ракети со среден и долг дострел. Системот неодамна ја покажа својата ефикасност во одбраната на Израел, рече командантот на ЕГИС на брегот на Полска, Метју Плант.
„Системот Егис, шпионската и мисијата за одбрана од балистички проектили беа тестирани во Средоземното Море во одбрана на Израел. Тие системи беа тестирани, кога Иран лансираше проектили против Израел“, посочува Плант.
Во оваа командна просторија, американскиот воен персонал деноноќно набљудува за какви било потенцијални закани. Нивната мисија е да откриваат и да одговорат на ракетни напади, користејќи радарски податоци за да ги водат пресретнувачите во неутрализирање на непријателски проектили.
Официјалните лица нагласуваат дека базата е строго со одбранбена природа.
„Нема експлозиви или боеви глави на ниту еден од нашите проектили“, вели капетанот Дван.
Кремљ одговори на отворањето на американската база во Реџиково, велејќи дека Русија ќе донесе „соодветни мерки за да се обезбеди баланс во вооружувањето“.
За Полска, клучна членка на НАТО што се граничи со Русија, Белорусија и Украина, базата е витален дел од нејзината одбранбена стратегија. Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш ја нарекува базата пресвртница во одвраќање на заканите и поддршка за одбраната.
„Базата Реџиково не може да се спакува во куфер и да се евакуира во рок од неколку часа. Таа ја штити Европа, но и САД и Канада, сите сојузници на НАТО. Тоа е еден од клучните проекти и можете да видите дека колку е против неа Русија, покажува за колку важен проект станува збор“, истакна Косињак-Камиш.
Базата е управувана од сојузничката воздушна команда на НАТО во воздухопловната база Рамштајн во Германија, која ги надгледува системите за одбрана од балистички проектили.
Facebook Forum