Пет точки и три тајни анекси - вака изгледа Планот за победа на украинскиот претседател Зеленски.
„Ако почнеме да одиме напред со оваа идеја, со овој специфичен план за победа токму сега, можеме да ја завршиме војната најдоцна до следната година“, рече Зеленски.
Планот вклучува покана на Украина за членство во НАТО и распоредување на доволно ненуклеарна воена сила на нејзината територија за да ја одврати Русија.
Реакцијата на западните партнери е двосмислена. Ставовите на Украинците исто така.
„Планот е реален, но не зависи од Украина“, смета Наталија, Украинка.
„Исто така сум апсолутно убеден дека сè ќе се реши на бојното поле. Најдобар пријател на Украина се нашите вооружени сили“, додава Олег, Украинец.
„Ќе имаме поддршка. Се надеваме на најдоброто, но веројатно ќе треба да се бориме за себе“, смета Оксана, исто така Украинка.
Украинскиот политиколог Микола Давидјук е убеден дека планот содржи премногу нереални точки за да ги спроведат западните партнери.
„Доколку имаше четири реалистични точки и едно „посакувано размислување“ тоа би можело да се смета за исклучок. Но, кога ги сакаме сите исклучоци, добиваме одговор дека ова не реално“, смета Давидјук.
Давидјук вели дека Украинците се последни што го виделе овој план, по сите странски партнери на Киев.
И некои точки не им биле објаснети - на пример, договор со сојузниците за помош во заштитата на критичните ресурси на земјата, како и заедничко инвестирање и користење на тие ресурси.
„Заштитата на ресурсите од западниот капитал, кој може да учествува во производството, е одлична. Но, неопходно е да им се објасни на луѓето кои ресурси, колку и какви придобивки за земјата“, додава Давидјук.
Професорот Валериј Пекар вели дека друго прашање е зошто овој план нема список на активности за самите Украинци.
„Многу луѓе веруваат дека ова е само половина од планот бидејќи кажува што очекува Украина од своите сојузници. Но, Украина има многу проблеми со системот на јавна администрација, мобилизација, владеење на правото. И прашањето е што ќе се направи за тоа“, посочува Пекар.
Исто така, додава воениот експерт Евген Дикиј, постои загриженост за алтернативни украински акции доколку партнерите не го спроведат Планот за победа.
„Засега звучи како воопшто да нема план Б. Или коалициските партнери ќе го направат тоа што ќе бараме, или ќе капитулираме, или што? Планот Б треба да биде целосна мобилизација, и луѓе и финансии, префрлање сè на воени линии и сами да водиме војна“, вели Дикиј.
Во исто време, Валериј Пекар нагласува: Западните сојузници треба да разберат како ќе изгледа повоениот свет.
„Доколку Украина победи, тоа ќе биде побезбеден свет, каде правилата функционираат. Во спротивно, тоа ќе биде свет во кој секој диктатор прави што сака во својата зона на интереси“, укажува Пекар.
По речиси три години целосна инвазија, руските трупи напредуваат во источна Украина. Земјата, исто така, се соочува со тешка зима, бидејќи руските напади уништија голем дел од енергетскиот систем.
Facebook Forum