Генерал-мајорот Горанчо Котески вчера ја презеде највисоката армиска функција - началник на Генералштабот на Армијата на Македонија, заедно со проблемите, пред се` од финансиска природа, со кои се соочуваше неговиот претходник, генерал-потполковникот Мирослав Стојановски.
Досегашниот началник на Генералштабот денеска се прости од функцијата со обраќање пред вишите армиски старешини. Генералот Стојановски потсети на проблемите со кои се соочува Армијата.
„Чувствувам обврска и морам повторно да укажам на потребата повеќе да се инвестира во одбранбениот сектор, особено во материјалниот дел, кој значи модернизација и опремување. Но, уште повеќе треба во човечките ресурси, како и во подобрувањето на животниот стандард и условите за живот и работа на припадниците на АРМ“, изјави Стојановски на церемонијата пред утрешниот Ден на АРМ.
Тој исто така упати апел до политичарите да ги согледаат проблемите со кои се соочува армијата и да го прифатат предлогот за буџетот за 2012-та година со кој армискиот врв предлага значајно зголемување на средствата за АРМ.
Апелот беше упетен во присуство на министерот за одбрана Фатмир Бесими, кој изрази верување дека АРМ во 2012-та ќе добие поголеми финансиски средства што ќе помогнат за поефикасно реализирање на обврските за прилагодување на армиските структури на НАТО-стандардите, но воедно и за подобрување на животниот стандард на припадниците на Армијата.
Барањето на генерал Стојановски доби подршка од сите досегашни министри за одбрана кои денеска беа гости на нивниот актуелен колега Бесими.
Од вчера на чело на Генералштабот е генерал-мајорот Горанчо Котески. Тој доаѓа на највисоката армиска позиција од функцијата аѓутант на претседателот Ѓорге Иванов. Во неговата биографија пишува дека завршил Воена академија во Белград и Сараево, насока копнена војска, а има завршено и командно-штабна академија и НАТО-колеџ за одбрана. Пет години бил воен аташе во Германија
АРМ учествува со свои војници во мисии во Авганистан, во БиХ и во Либан, а во рамки на мандатите на НАТО, ЕУ и на ОН. Во овие мисии во моментов учествуваат 176 војници. Учеството на АРМ во мисиите во повеќе наврати беше оценето како успешно од страна на стратешкиот партнер - САД.