Линкови за пристапност

Американска „Легија за заслуги“ за началникот на ГШ на АРМ


Американска „Легија за заслуги“ за началникот на ГШ на АРМ
Американска „Легија за заслуги“ за началникот на ГШ на АРМ

Заслужни сите припадници на АРМ за соработката со американската армија, вели генерал-потполковникот Мирослав Стојановски.

„За ова признание се заслужни и сите припадници на АРМ со чија напорна работа и посветеност во изминативе 17 години зацртаните планови за билатерална соработка со Вооружените сили на САД во целост се исполнети“, изјави началникот на Генералштабот на АРМ Мирослав Стојановски кој денес од амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер во Домот на АРМ во Скопје, го доби највисокото одликување што американското Министерство за одбрана му го доделува на еден странски војник - орденот „Легија на заслуги“.

„Орденот Легија на заслуги, како едно од највисоките одликувања, претставува признание кое на залезот од мојата кариера ме прави особено горд. Доделувањето на орденот преставува признание и за Македонија за посветеноста и силните напори за доследно спроведување на реформите во одбраната, но и за недвосмислената поддршка и активно вклучување во борбата против глобалниот тероризам“, изјави генерал-потполковникот Стојановски.

Амбасадорот Рикер кој му посака на Стојановски многу понатамошни успеси, изјави дека му претставува голема чест - од името на секретарот за одбрана и од владата и граѓаните на САД, да му додели „признание на нашиот пријател за постигнатиот успех и соработката“.

Одликуваниот генерал потполковник Стојановски во своето обраќање ја истакна соработката меѓу САД и Македонија.

Македонија е активно е вклучена во борбата против тероризмот, преку учеството во мисијата „Слобода за Ирак“ во која до учествуваа околу 500 припадници на АРМ, од кои дури 152 македонски војници беа одликувани од Армијата на САД.

Македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски, кој присуствуваше на свеченоста, ја потенцираше таа соработка: „Животот е борба на постојано докажување, а ова е исклучителен момент за Македонија, за генералот и за неговото семејство. За потврдата на готовноста на македонската армија и за потврда на американско – македонското пријателство. Пред неколку дена на амбасадорот Рикер му подарив фотографија на која се американски и македонски војник во Авганистан. Членството во НАТО ни е заслужен орден, но се уште недоделен“.

Според министерот, орденот за генерал-потполковникот е и признание за богатата и исклучително стратешка соработка што Македонија ја има со САД седумнаесет години.

Генерал-потполковникот Стојановски (1959), кој од 2005-та е началник на Генералштабот на АРМ, воената кариера ја започна во ЈНА. Завршил воена гимназија, Воена академија, Командно-штабна академија и НАТО-колеџ за одбрана. По враќањето во Македонија вршеше неколкудолжности: командант на Единицата за специјални намени, заменик-началник на Одделението за стратегиски истражувања и командант на Првата пешадиска бригада.

XS
SM
MD
LG