Линкови за пристапност

Средба Мулен-Стојановски: продолжува армиската поддршка од САД


Средба Мулен-Стојановски: продолжува армиската поддршка од САД
Средба Мулен-Стојановски: продолжува армиската поддршка од САД

Стојановски потенцирал дека за Македонија како приоритетно прашање останува проблемот со името на политички план

Македонија изразила благодарност за американската поддршка на сите полиња, а пред се` на армиското. На получасовната средба во Пентагон со началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, адмиралот Мајкл Мулен, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковникот Мирослав Стојановски нагласил дека има унапредување на воената соработка во регионот преку разни форми на конференции и средби, соопшти аташето за одбрана на РМ во САД полковникот Јорданчо Миладиновски за Гласот на Америка на македонски.

Стојановски му порачал на Мулен дека Македонија не запрела со армиските реформи и дека продолжува трансформацијата на АРМ во мала и компактна армија која ќе одговори на предизвиците од 21-от век. Миладиновски вели и дека Стојановски на домаќинот Мулен му пренел дека стратегијата за одбрана на Република Македонија на среднорочен рок е веќе потпишана од претседателот Иванов во ноември 2010-та.

Стојановски потенцирал дека за Македонија како приоритетно прашање останува проблемот со името на политички план, дека тоа е чувствителен проблем што задира во идентитетот на македонски народ, потоа дека земјата ја чувствува економската криза и дека таа има одредено влијание врз структурите на одбраната.

Според аташето за одбрана на на РМ во САД, Мулен изразил разбирање за проблемот со името, ја повторил досегашната поддршка од САД и повторил дека очекува членство во НАТО – и тоа набрзо. Мулен пренесол порака дека и врховниот командант на силите на НАТО во Европа Џејмс Ставридис изразил целосна поддршка за членството на Македонија во Алијансата.

Мулен се интересирал и каков би бил степенот на армиска подготовеност, со цел Македонија рамноправно да ги преземе сите одговорности кои следуваат со членството во НАТО. Стојановски го уверил дека постојано се врши проценка на декларираните македонски единици за НАТО и оти нивната подготвеност е на највисоко ниво, информира Миладиновски.

На средбата била поздравена добрата соработката на АРМ со армијата на Вермонт. Стојановски искажал благодарност за можноста Македонија да учествува во мировната мисија во Авганистан, од каде армијата црпела искуство за идно учество во сојузнички акции.

Во моментот во има 10-тина македонски офицери на обука во САД и таа ќе продолжи и во иднина, информираше аташето Миладиновски, кој вели дека на средбата во Вашингтон се разговарало и за воена вежба во 2012-та на армискиот полигон во Криволак, под покровителство на Националната гарда на САД, а во која би се вклучени и други земји од регионот.

Началникот на Генералштабот на АРМ, кој се наоѓа во неколкудневна посета на САД, претходно престојуваше во Канзас, каде го посети Центарот за обука и симулации на американската армија.

XS
SM
MD
LG