Линкови за пристапност

Повеќе од една година од смртта на Пригожин, платениците на „Вагнер“ уште се активни


Членови на „Вагнер“ седат на тенк на улица во Ростов-на-Дон, Русија, 24 јуни 2023 година
Членови на „Вагнер“ седат на тенк на улица во Ростов-на-Дон, Русија, 24 јуни 2023 година

Кога рускиот бизнисмен Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа во август 2023 година, многу аналитичари рекоа дека неговата смрт може да го означи крајот на групата „Вагнер“, приватната воена компанија што тој ја основаше, а која обезбедуваше илјадници руски платеници за иницијативите на Москва и други интереси во странство.

Но, повеќе од една година подоцна, сликата за руските платенички активности стана само покомплицирана, велат истражувачите.

Пред смртта на Пригожин, платениците на „Вагнер“ се бореа во конфликти ширум светот - од Украина до Блиски Исток и Африка - и ѝ помогнаа на Русија да го прошири своето влијание далеку надвор од нејзините граници. „Вагнер“ се соочи со обвинувања за убиства на африкански цивили и за воени злосторства.

Потоа, во јуни 2023 година, Пригожин започна неочекуван бунт против руските власти поради нивното справување со војната во Украина.

Неговите платеници го зазедоа градот Ростов-на-Дон и тргнаа кон Москва.

Пригожин се повлече дури откако претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, посредуваше за договор.

По таквата непослушност, многумина не беа изненадени кога Пригожин загина во авионска несреќа помалку од два месеца подоцна.

Но, предвидувањата дека активностите на „Вагнер“ ќе изумрат заедно со него се покажаа како невистинити. Борците на групата се` уште се активни во Централноафриканска Република и Мали.

Во други земји како Нигер, тој беше заменет со „Африкански корпус“, организација наследничка, подредена на Министерството за одбрана на Русија.

Во други случаи, различни руски милитаризирани структури го земаа името и симболите на „Вагнер“.

Она што им е јасно на аналитичарите е дека руските платеници не заминуваат.

Ако било што, иднината на руските приватни воени компании ќе биде „поодржлива и помалку спектакуларна“ според Џек Марголин, независен истражувач кој неодамна објави книга за групата „Вагнер“.

Од смртта на Пригожин, Русија „навистина ефективно создаде инфраструктура и структури за поттикнување со цел да ги привлече поранешните борци [Вагнер] и да го изгради овој систем на полуформални сили“, изјави тој за Гласот на Америка.

Активностите на „Вагнер“ низ светот отсекогаш биле испреплетени со руската надворешна политика, но точната природа на таа врска е предмет на дебата меѓу експертите.

Џон Лехнер, истражувач кој ќе објави книга за „Вагнер“ во март, верува дека односот на платеничкиот корпус со руската држава во голема мера зависел од земјата во која дејствувал.

Во Украина и Сирија, каде што платениците ја поддржуваа владата на Башар ал Асад, „Вагнер“ активно соработувал со руското Министерство за одбрана.

Но, во супсахарска Африка, каде што руската држава имаше многу ограничено присуство, „Вагнер“ можеше да одлучи кои се националните интереси на Русија, рече Лехнер.

Без оглед на тоа кои структури ќе го наследат „Вагнер“, руските платенички активности најверојатно ќе продолжат да ги загрижуваат западните влади.

Експертите велат дека ќе биде тешко да се возврати нивното влијание во странство.

Поврзано

XS
SM
MD
LG