За само еден месец, македонската полиција, разби уште една терористичка ќелија, составена од четири лица, кои се подготвувале за напади на одредени цивилни цели и јавни објекти во државата. Акцијата во која биле извршени претреси на неколку локации во Скопје и Гостивар, била спроведена координирано со повеќе надлежни државни институции, меѓу кои и надлежен јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„При претресите пронајдени и одземени се повеќе предмети меѓу кои автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети кои ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења. Лишени од слобода се четири лица, за кои од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до надлежниот обвинител е поднесена кривична пријава за кривично дело „терористичка организација“, предвидено и казниво по член 394а“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Според МВР за првопријавениот постојат основи на сомневања дека создал терористичка ќелија во која што со активно учество делувале останатите три лица.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС.
„За остварување на намерата првопријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади“, додаде Андреевски.
Останатите членови според полицијата, биле дел од Телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.
Универзитетскиот професор по безбедност на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Ице Илијевски, за Гласот на Америка на македонски вели дека за поздравување е брзата реакција на Министерството за внатрешни работи и другите органи за спроведување на законот кои ги открија терористичките ќелии пред да извршат некој терористички напад. Но, смета дека сето ова зборува за безбедносните предизвици со кои се соочува државата.
„Откривањето на две терористички групи во краток временски период укажува на сериозни безбедносни предизвици поврзани со тероризмот во Република Северна Македонија. Причините за постоењето и активноста на вакви групи може да се должат на повеќе фактори, но во конкретните случаи е поврзано со екстремизам и радикализација. Онлајн радикализацијата, односно пропагандата на интернет или други мрежи, придонесува одредени поединци или групи лесно да се радикализираат и да станат дел од некоја терористичка организација или да се поистоветуваат со истите“, изјави Ице Илијевски, професор по безбедност на Универзитетот „Св. Климент Охрдиски“ од Битола.
Превенцијата и сузбивањето на тероризмот бараат холистички пристап, вели Илијевски.
„Каде покрај безбедносните аспекти ќе се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните, особено кај младите, за ризиците од радикализација и регрутација, ќе се преземаат мерки за откривање и отстранување на екстремистички содржини на интернет или други платформи, ќе се опфатат социо-економските причини за радикализацијата како и јакнење на капацитетите на институциите“, додава Илијевски.
Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, неодамна за Гласот на Америка, предупреди дека иако Северна Македонија има ниско ниво на загрозеност од можни терористички акти, никогаш до крај не може да се тврди дека такво нешто не може да се случи. Уверува дека земјава презема најорганизирани мерки за спречување на насилен екстремизам и тероризам.
„Дали повторно ќе има такви случаи? Сигурно дека ќе има. Рефлексиите од Сирија, војната во Газа, војната во Украина, сето тоа се рефлектира вкупно и може да има соодветно влијание, но овој процес ќе трае и никој, никогаш не може да гарантира дека не може да се појави радикализам, екстремизам итн“, рече Павле Трајанов, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
За членовите на терористичката група, судот веќе одреди 30-дневен притвор. Инаку, проценките се дека 143 лица, обидувајќи се да се приклучат на терористичките групи, заминале на боиштата во Сирија и Ирак, од кои 10 се жени. Дел од нив се вратени и издржуваа соодветни казни затвор во државата.
Facebook Forum